Двете познати дами во македонската јавност, од кои едната иако тотално анонима, сепак сите ја знаат, а другата иако сите ја знаат нејзината фирма, од анонимноста излезе кога од нигде-никаде ја избраа за министерка за финансии, во сега веќе бившата министерска постава на владата на Заев!

Ина „Многуфина“ VS Нина – „Групер“… Дежурната критичарка на социјалните мрежи на состојбите во државата и аномалиите на системот, на својата многу посетувана и исклучително читана Фејсбук страница, ја подбра бившата министерка, сега одново онлајн бизнисменка.

Имено, додека оскаровската хероина Атиџе Муратова јавно преку медиумите се обрати за помош и заштита на најзиниот спокој и животот од нападите, малтретирањата и заканите на нејзиниот најблизок роднина, во Македонија однеодамна почнаа да се организира туристичка тура наречена „На патот на Атиџе Муратова“. Во прашање е организирана пешачка тура до домот на Атиџе Муратова, ѕвездата од филмот ,,Медена земја”, од селото Дорфулија, до селото Бекрилија, каде пчеларката ги пречекува гостите со кафе, а се реализира преку туристичката агенција ,,Enjoy Balkans”.

Во изјавите за еден од македонските портали, преставник на организаторот изјави дека замислата да се организираат туристички тури до домот на Атиџе била негова, со цел да се промовираат убавините во овој дел на земјава, но и да и се помогне финансиски на Муратова. Навидум ем убава, ем хумана идеја, со можност на спој на убавото и корисното. Арно ама, во целата приказна има нешто што не штима…. Никому, освен на Нина… „Групер“ секако.

Имено, туристичко – пешачката тура може да се реализира, односно да се плати и преку онлајн платформата на екс – министерката, каде целиот пакет аранжман ќе го добиете со 17% попуст, па наместо 2299 ден. преку „Групер“ ќе платите само 1899 ден. за вашето авантуристичко задоволство. Од нив секако, процентот заработка на Нина, останува деловна тајна. И можеби не е ништо чудно ниту спорно, ако во ОПИС-от на турата не го има она што острото око на Ина „Многуфина“ го забележа, а звучи понижувачки и изгледа омаложувачки. Особено за жената преку чии плеќи поединци се китеа со туѓо оскаровско перје, за денес вака срамно да ја третираат.

Ина „Многуфина“ не им премолче, па ја подбра и Нина и организаторот, кој за порталот „Фокус“ тврди:

Можам да кажам дека речиси 90 проценти од заработката одат кај Муратова, јас работам без некој посебен финансиски бенефит, желба ми беше да придонесам за запознавање на природните убавини во овој регион, да се запознаат учесниците во турата со традицијата која владее овде, со секојдневниот живот на мештаните, да се запознаат со Атиџе.

Нина „Групер“ ја премолче критиката и засега е без јавен коментар, а турата се’ уште си оди… Како „домашен десерт со медот на Атиџе“, што би рекла екс – министерката и газдарица на „Групер“.

Атиџе белким го добива својот дел иако можеби и не е најдостоинствено оскаровската хероина секому да мора да му гледа на кафе за да корка леб.

Организаторот вели дека работи речиси „гратис“, па тогаш дали на оние, каде што завршуваат останатите пари, им е упатено она: „…Лешинари“, од „Ина „Многуфина“?!

Најчитани вести