Откако минатиот месец го направи првиот избор, селекторот на македонската женска репрезентација за одбојкарки до 19 години, Ненад Михајловиќ, неделава повторно ќе одржи серија тренинзи во процесот на создавање тим за настап на европското првенство 2022. Списокот од 26 одбојкарки, коишто беа селектирани во четирите центри – Скопје, Штип, Битола и Струмица, а учествуваа на завршните подготвки во Крушево, е можно да биде проширен затоа што во овој термин шанса ќе добијат неколку одбојкарки коишто не беа во можност да тренираат во августовскиот циклус.

Михајловиќ нив ќе ги тестира на четири тренинзи денеска и утре, по што националниот состав ќе продолжи да работи до понеделник, во малата сала на арената „Борис Трајковски“ во Скопје.