Вардар 1961 со пораз ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај Мешков Брест беше поразен со 24-22 (12-10). Избраниците на Стевче Алушовски имаа своја шанса, но не ја искористија, паднаа во финишот.

Борко Ристовски до десет обрани беше најдобар заедно со Вујин кој запиша шест погодоци. Два гола помалку имаше Дисингер. На другата страна блескаше Паниќ со шест гола.

Во првото полувреме македонскиот тим само двапати се најде во ситуација да води, 1-2 на почетокот, и со 5-6 во 15. минута. На другата страна Мешков Брест го чекаше Вардар 1961 да го погреши, со серија од 4-0 дојде на највисоки 11-7. Расположениот Вујин со два гола и Борко Ристовски, намалија на 11-9, негатива со која се замина на полувремето 12-10.

По одморот, белорускиот состав дојде на нови плус четири 14-10 и 15-11, но тука застана. Следеше неверојатен кам-бек на Вардар. Ристовски продолжи онаму каде што застана, а неговите соиграчи конечно заиграа добро. Следеа десет минути во знакот на „црвено-црните“ кои дојдоа до највисоки плус два (15-17), благодарение на серијата од 6-0 во креација на Чупиќ, Дибиров, Калараш, Вујин и Дисингер.

Паниќ го врати својот тим во игра, на средината на второто полувреме беше 17-17. Борко со десетата одбрана го дигна Вардар, Чупиќ од седум метри и Гаџа, го вратија водството од два гола (18-20) во 51. минута.

Следеа пеколни осум минути, Мешков се врати 20-20. „Црвено-црните“ при 20-21 имаа шанса да поведат со два гола, но Стоилов не успеа да реализира, стигна казната за 21-21. Вистинска драма следеше до крајот, се чекаше некој да згреши. Вујин изгуби топка, па Мешков го врати водството, беше 23-22, Алушовски повика тајм-аут на минута и пол минути до крајот. Вардар 1961 не го искористи нападот, Паниќ казни за голема победа.

Во следното коло, македонскиот тим е домаќин на Елверум, дуелот се игра на 24. овој месец.