Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска се сретна со амбасадорката на Швајцарија во земјава, Н.Е. Сибил Зутер Техада, на која се разговараше за тековните и идни проекти финансирани од швајцарски фондови и приоритетите на Министерството во областа на трудот и социјалните политики за идниот период.

Министерката Шахпаска изрази благодарност за проектите финансирани од швајцарската Влада, а се од областа на социјалната заштита, родовата еднаквост, транспарентноста во работата на општините, сите од големо значење за нас како држава.

На средбата беше потенцирано значењето на проектите кои се наменети за младите лица, како што се дуалното образование со цел стекнување пракса за време на учењето, доквалификацијата и преквалификацијата кои се особено значајни за зголемување на нивната популарност кај работодавачите и пазарот на трудот.

„ За мене како министер и за Владата е најважно да ја зголемиме вработливоста кај младите и да создадеме услови младите луѓе тука, во државата да обебзедат своја професионална реализација. Работиме на нова законска регулатива, која ќе ги дефинира работните односи според интересите на работниците, но и потребите на работодавачите. Вклучување на лицата со попреченост во општествениот живот, но и Ромите како ранлива категорија на граѓани во државава, како активни учесници на пазарот на трудот, се дел од социјалната политика на која посветено работиме како Влада и Министерство“, нагласи министерката Шахпаска.

Таа посочи дека во моментот се работи на повеќе закони кои ќе ги унапредат и регулираат односите, покрај во областа на трудот и социјалната политика, а од осбена важност е што Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација е веќе во собраниска процедура, затоа што, како што рече министерката Шахпаска како држава не смееме да дозволиме да функционираме без функционална и ефикасна Комисија за заштита од дискриминација.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава , Н.Е. Сибил Зутер Техада изрази задоволство за веќе реализираните проекти финансирани и потпомогнати од швајцарската Влада и изрази подготвеност на соработка и понатаму во областите каде ќе се појави потреба. Покрај повеќето проекти за кои постои заедничка соработка, таа го издвои проектот „Образование за вработување“, кој како што нагласи мора да овозможи прилагодување на обуката и подготовката на кадарот, според потребите во приватниот сектор.

Двете соговорнички заклучија дека двете земји имаат добри пријателски односи, одлична соработка и поддршка која и во иднина ќе продолжи со уште поголем интензитет.

извор: Makfax

Најчитани вести