Денеска е спомен на Светиот маченик Мамант - ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ ЗА ОВОЈ ДЕН

15.09.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Денеска е спомен на Светиот маченик Мамант - ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ ЗА ОВОЈ ДЕН

Родум од Пафлагонија, од Теодот и Руфина, прочуени христијани. Неговите родители беа во затвор заради Христовото име. Во затворот прво замина татко му, а потоа мајка му откако прво го роди. Така, значи, остана младенецот во затворот. Но, Промислителот Бог го испрати Својот ангел кај некоја благородна Ама, на којашто ангелот ѝ се јави во сон и ѝ рече да отиде во затворот и да го земе детето кај себе. Ама измоли дозвола од градоначалникот, детето го зеде во својот дом. Почна да зборува дури кога наполни пет години и првиот збор му беше „мама“. Заради ова и го доби името Мамант. На училиште, Мамант покажа необична бистрина, а бидејќи од дома беше воспитан во христијански дух, не ја криеше својата вера, туку ја исповедаше пред врсниците исмевајќи ги идолите. Во времето на царот Аврелијан имаше жестоко гонење на христијаните. Незнабошците не ги штедеа ни христијанските деца. Мамант имаше петнаесет години кога беше изведен пред царот. Царот му рече барем на збор да се одрече од Христа, на што Мамант му одговори: „Ниту во срцето ниту со устата нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос.“ Потоа му ја предаде својата света душа на Бога, Кому Му остана верен во сите маки. Од неговите мошти се случија многубројни исцелувања на болни.

Свети Јован Постник, патријарх Цариградски
Се празнува и на 12. септември. Најпрво беше златар, па по Божја Промисла, а заради својата голема добродетелност беше посветен за свештеник. Како млад, Свети Јован еднаш одеше со некој стар монах, Евсевиј, од Палестина. Одеднаш му дојде глас на Евсевиј од некого невидлив: „Авво, не оди од десната страна на великиот Јован!“ Вака гласот Божји ја навестуваше големата служба на која Јован наскоро требаше да биде повикан. По блажениот Евтихиј, Јован беше избран за патријарх Цариградски. Никако не сакаше да прими, но беше застрашен од некое небесно видение, па затоа прими. До своето заминување беше испосник, молитвеник и чудотворец. По неговото заминување како единствена сопственост кај него најдоа една дрвена лажица, една ленена кошула и една стара облека. Прочуени се неговите списи за покајанието и за исповедта.

Свети Елеазар
Син на Арон, втор по ред Израелски првосвештеник. Помошник на Мојсеј при пребројувањето на Израилскиот народ и помошник на Исус Навин при поделбата на земјата ветена на дванаесетте колена. Верно го чуваше ковчегот на заветот во Силом.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата