Дербито на првото коло на струшкиот турнир им припадна на Е.Пелистер кои славеа со 24-22 (15-12) на дуелот со Металург. Битолчани водеа во текот на целиот меч, како „плод“ на добриот вовед во оваа битка, на другата страна скопскиот тим не искористи зрели шанси да израмни, па дури и да поведе.

И на двата тимаа дефинитивно им е потребно време за да се водиграат по бројните промени во составот. Мечот го одбележаа бројни исклучувања, но и голем број грешки, во првиот дел од првото полувреме тоа најчесто го правеше Металург.

Е. Пелистер отвори со 3-1, благодарение на двете одбрани на Чаневски. Нови две грешки на Металург беа причини за да битолчани зголемат на 5-2 со головите на Костевски и Маџовски. Тимот од Автокоманда ја бараше својата игра и во нападот и во одбраната.

Две исклучувања во редовите на Металург донесоа нова висока позитва на битолчани од 9-4 во 15 минута.  Само што се комплетираа избраниците на Зоран Кастратовиќ, дојде до ново исклучување, овој пат Потиќ.

Мариќ конечно стави крај на налетот на противникот, намали на 9-5, веднаш следеше нов гол за 9-6. „Металурзите“ не искористија две нови шанси да ја намалат негативата од три гола (11-8), двапати не реализираа при празен гол. Ова беше период во кој Е.Пелистер направи серија на грешки, па Потиќ намали на 11-9.

Стјепановиќ со погодок од седум метри стави крај на лошата серија за 12-9. На полувремето беше 15-12.

Одморот добро им дојде на ракометарите на Металург, намалија на 16-15. Но, наместо целосен пресврт, одново му дозволија на противникот да дојде на предност од 18-15. Не се откажа скопскиот тим, со серија од 3-1 дојде на 19-18 и како по некое правило не искористи шанса за израмнување.

Битолчани, успеаја да ја сочуваат позитивата, на пет минути до крајот имаа 23-19, па сосема заслужено се радуваа на овој триумф.

Утре вториот ден ќе го отворат: Бутел – Е.Пелистер 2, Металург – Прилеп и Вардар – Охрид.