ШТО УСОГЛАСИЛЕ, А ШТО НЕ УСОГЛАСИЛЕ СДСМ И ДУИ

9.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ШТО УСОГЛАСИЛЕ, А ШТО НЕ УСОГЛАСИЛЕ СДСМ И ДУИ

СДСМ денеска преку соопштение информира дека ги продолжува разговорите за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат. Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија, велат од партијата, и додаваат дека е јасно оти државата нема друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.

- Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за  почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.

Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ, се вели во соопштението од партијата.

Од СДСМ велат дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои, како што потенцираат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.

- Партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен, се наведува во соопштението и се додава дека разговорите за ново парламентарно мнозинство продолжуваат, заради тоа што е потребно стабилно мнозниство во Собранието кое ќе обезбеди формирање нова одговорна Влада.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата