Русјаков

Низ олуците на душата

9.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Низ олуците на душата

Не очекував дека за својот роденден ќе треба да ковам Ноева арка. Не ми пречи, ќе ги натоварам на неа сите свои дозволени и забранети фантазии, па ќе запловам по цивилизацискиот потоп околу мене. Само да не грми. Молњи и грмежи ми создаваат необјаснив страв во срцето. Има нешто совршено моќно и возвишено во таа наелектризирана светлина и удар што ја затресува утробата. Никола Тесла сигурно би ми се изнасмеал.

Кога сме кај Никола Тесла, само накратко, дали знаете дека Марк Твен веќе стар, станал најдобар пријател со српскиот гениј? Многу интересно пријателство. Плод на тоа пријателство е романот на Марк Твен, „Таинствениот странец“. Таму американскиот гениј на крајно чуден и необичен начин за него, ги опишува визиите на Тесла. А потоа Марк Твен замина со Халеевата комета. Да, да, не се глупирам, Марк Твен на оваа наша трагикомична планета, стигна и замина со Халеевата комета. И самиот го има потврдено тоа. Ако не ми верувате мене, слободно проверете.
Да се вратам јас уште малку на дождот. Знаете на што ме потсетува неколкудневниов „потоп“? На Манаус. На Бразил. И тоа на Бразил, 2014 година. Месец јуни, настан, светско првенство во фудбал. Е па, вака исто врнеше тука, кога таму се играше фудбал. А мене, ете, дождов што со денови не престанува, ме потсети на летото 2014 година. Зошто е тоа така? Затоа што овој август е како тој јуни, а да не беше посраниов глобален експеримент, јас сега возбудено ќе чекав Олимписки игри во Токио. А и ми недостига фудбал.

Па, имаше досега фудбал, а еве имаш и сега. Фудбал навистина имаше последниов месец. За разлика од месеците пред тоа, кога немаше ни минута спорт, сега би требало да сум радосен. По 30 години Ливерпул стана шампион и тоа, како негов навивач, би требало да ме радува. А еве, вчера и денес, продолжува Лигата на шампионите. Ама јас пак не сум задоволен. Не сум вистински фудбалски исполнет. Затоа што фудбал без публика не е вистински фудбал. Навистина, фудбал без радоста и тагата на публиката, нема во себе никаква суштина. Исто како уметноста. Зарем може да има уметност без публика? И каква би била таа уметност? Океј, го знам безобразниот одговор на ова прашање. Уметност без публика најчесто е онаа уметност финансирана од Министерството за култура.

Уф, баш сум гаден понекогаш. Па и јас имам добиено од тоа министерство четири пати на конкурсот за издаваштво. Четири пати значи четири книги. А тие сите имаа своја публика.

Па зошто бе тогаш Русјаков, мрчиш, а? Ај што мрчиш, ама и скокаш од тема на тема како ненормален? Од Ное на Никола Тесла. Од Тесла на Марк Твен. Од Марк Твен на Халеевата комета. Од кометата на Манаус. Од Манаус на фудбал. Па уште од фудбал на книжевност.

Објаснувањето е крајно едноставно. Кога врне неколку дена едноподруго, мене концентрацијата ми се растекува низ олуците на душата. И тогаш најчесто не ми се пишува. Или ми се пишува, ама не ми се почитуваат рокови. А колумните имаат рокови. Затоа и така ви звучам. Неповрзан и незаинтересиран. А не дека нема што интересно да се пишува. Како плачот на срцето, на пример. Плачот за Бејрут. Ама ете, некако не ми се плаче денес пред вас.

Или Русија. Ете, објавија вакцина против коронавирусот. Велат дека создава имунитет и нема нуспојави. А и нема да биде обврзувачка за руските граѓани. Ама и Британците имале готова вакцина. Ете, веќе еден месец како ја тестирале. Велат дека нивната била подобра од руската. Како ли само знаат? Чудни се патиштата фармацевтски. Но имаме и трета вакцина. Односно, ќе имаме трета вакцина. Па сигурно нема Бил Гејтс да крене раце по онолку врева по медиуми. И така ќе имаме три вакцини.

Зошто некако ми е јасно како понатаму ќе се одвива сценариото? Веќе ми трепкаат насловите и ударните вести на сите европски и американски мејнстрим-медиуми. Руската вакцина опасна по здравјето на демократијата. Руската вакцина го загрозува западноевропскиот имунитет. Руската вакцина се меша во внатрешните работи на клетките и го тера слободоумниот граѓанин да гласа за Трамп.

Нашиве секако нема да купат руска вакцина. Ама па и јас немам намера да се вакцинирам ниту со руска, ниту со британска, ниту со бигејтсовска вакцина. Не, не сум влезен во антиваксерски филм. Никогаш не се занимавам со нешта што не ги разбирам. Едноставно не сакам никој да ми наметнува со закон фармацевтски заебанции. Па уште обврзно. Нема шанси. Си имам јас свои методи за забрзување на умирачката. А и нејќам игли бе.

Уф, ете, малку ќе престане да врне и јас веднаш се распишувам на дадена тема. Како американското твитераштво. И на оваа тема можам да се распишам. Не, секако не мислам на твитовите од управничката на затворот наречен Северна Македонија. Јас со „записи од мртвиот дом“ веќе немам намера да се занимавам. Сеедно што некои сонуваат, ама и пакуваат приказна за вистински да ме затворат. Завршив со сето тоа и сеедно ми е ако некој ме напика „во првиот круг“.

Така се станува „херој на нашето време“. Мислев на твитовите на Доналд Трамп. Тие се секогаш интересна тема за пишување. Особено сега, кога мегакорпорации како Гугл, Фејсбук и Твитер се обидуваат да го цензурираат. Ако наеднаш за американскиот претседател не важи првиот амандман, што останува за другите? Веројатно активирање на вториот амандман што, пак, мене најмногу ме плаши. Но за тоа пишував минатата колумна.

Да се вратам на твитовите на американскиот претседател. Едвај чекам да твитне пофалби за американските судии што ќе ги затворат мегаскандалите „Пицагејт“, „Обамагејт“ и „Украинагејт“. Сите овие афери се многу пострашни од „Вотергејт“ за кој Холивуд сè уште досаѓа со филмови. Тука го имаме педофилскиот хорор во кој е вмешана американската политичка, холивудска и медиумска елита.

Па ставање на целокупната државна машинерија од страна на Обама во корист на Хилари Клинтон, а против кампањата на Доналд Трамп за претседателските избори. И уште Бајден и неговото синче, кои палат и жарат низ Украина третирајќи ја како свој приватен посед. Море како да е протекторат на Балканот каде што амбасада тера судски процеси против неистомисленици. Ете, јас ги чекам твитовите на Доналд Трамп каде што тој ќе честита затварање на процесите против еден левијатан што сака да го проголта светот. Иако најверојатно ќе си го доживеам само „денот на опричникот“ врз сопствената кожа.
Што ти е тоа „денот на опричникот“?
Руска пропаганда. А вие, гуглајте.

(Зборот ОПРИЧНИК на крајот од колумната нема превод. Тоа е руска титула за елитни единици на царот Иван Грозни, кои имале задача да убиваат неистомисленици на владетелот.)

Александар Русјаков (Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата