Шкендија среде Штип со 2:0, во меч под светлоста на рефлекторите, успеа да ја победи забревтаната Брегалница. Штипјани по победите над Беласица и А. Пандев помислија дека можат да ја изненадат и Шкендија, но сепак тетовци ја покажаа својата сила, и покажаа кој е кој во моментов.

Брегалница освен пречката на Мартин Стојанов на почетокот од мечот, беше во подредена улога речиси во текот на сите 90.минути.

Првиот гол падна во 58.минута по една катастрофална грешка на домашната одбрана. Прво една силна топка непотребно беше вратена кон голманот, а овој место да ја шутне во поле ја фати со рака. Судија исправно покажа индирект, а Бесарт Ибраими од 10 метри,можеби и помалку, успеа да го најде патот до мрежата на Брегалница, иако го чуваа речиси сите домашни играчи. Вториот гол пак тетовци го постигнаа во 82.минута преку Леард Садриу кој убаво шутираше со глава, но притоа се повреди и мораше да го напушти теренот.

Во последните секунди Ристе Наумов имаше прекрасна шанса за гол, но неговиот шиут со глава заврши за малку над голот на тетовци.

Инаку тренерот на тетовци Ернест Ѓока мечот го започна со Захов, Алити, Бејтулаи, Садриу, Мурати, Зејнулаи, Алими, Тотре, Ахмеди, Ибраими, Дориев. Подоцна во игра влегоа уште неколку фудбалери на Шкендија.