Бугарија: Договорот за добрососедство со Северна Македонија е еден од најважните настани во регионот

1.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бугарија: Договорот за добрососедство со Северна Македонија е еден од најважните настани во регионот

Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година ќе остане едно од најважните настани во современоста на нашиот регион, велат од бугарското Министерство за надворешни работи по повод 3 години од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија.

Во соопштението се наведува дека Бугарија останува цврсто убедена дека европскиот проект нема да биде завршен без пристапување на Северна Македонија.

„Ја поздравуваме одлуката донесена во март годинава за почеток на преговори за членство со Албанија и Република Северна Македонија. За Бугарија, главниот критериум за подготвеност за приближување кон ЕУ останува одржувањето на искрените добрососедски односи, заедно со владеењето на правото и основните права. Ние веруваме во добрососедските односи како основна европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Република Северна Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ“, се наведува во соопштението.

Се додава дека со потпишувањето на Договорот Република Бугарија и Република Северна Македонија направиле важен чекор за воспоставување на односите меѓу двете држави на нивно соодветно ниво како односи меѓу најблиски соседи и пријатели.

Бугарското МНР нагласува дека еден од најважните апсекти на Договорот е работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во овој контекст, Бугарија очекува Комисијата во најскоро време да ги продолжи своите активности и да оствари вистински напредок во својата работа врз основа на објективно толкување засновано на автентични историски извори засновани врз докази.

„Денес, политичарите од двете страни имаат задача да покажат одговорност и да го потврдат изборот што го направија пред 3 години и, врз основа на нашето заедничко минато, да ја изградиме нашата заедничка европска и евроатлантска иднина”, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата