Пендаровски бара ПРЕМИЕРОТ И МИНИСТРИТЕ ДА НЕ БИЛЕ ВО ВРСКА СО КРИМИНАЛНИ АФЕРИ

31.07.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пендаровски бара ПРЕМИЕРОТ И МИНИСТРИТЕ ДА НЕ БИЛЕ ВО ВРСКА СО КРИМИНАЛНИ АФЕРИ

Кој ќе партиципира во владата зависи од преговорите што ќе ги водат партиите што обезбедија влез во парламентот. Така што, возможна е влада без СДСМ и коалицијата кои освоија најмногу пратеници, или без ВМРО-ДПМНЕ, која е втора партија според истиот критериум. Јасно е дека ако така се договорат, возможна е и влада без партијата што е трета според бројот на освоените мандати“, вели во интервју за неделникот „Фокус“ претседателот Стево Пендаровски.

Тој појаснува дека нема да отстапи од уставната норма која предвидува, мандатот за составување влада да го добие партијата или коалицијата која ќе обезбеди мнозинство во парламентот.

„Како претседател, буквално немам никаков маневарски простор. Членот 90 од Уставот е јасен. Исто така, не се предвидени никакви условувања, како оние од 2017-та, кога флагрантно беше прекршен највисокиот државен акт. Подготвен сум, ако има договор, мандатот да го доделам и пред да заврши уставно определениот рок од 10 дена“, вели Пендаровски.

Во однос на преговарачката позиција на ДУИ, која бара премиер Албанец, Пендаровски смета дека е таа легитимна, но според него, само во два наврати, со Никола Кљусев и со Хари Костов, владата не била предводена од претседателот на најголемата партија од власта. Сепак, според него, предност треба да има квалитетот а не етничката припадност на кандидатите за која било функција.

„Сѐ до 2009-та и до појавувањето на Имер Селмани, за кого гласаа голем број Македонци, ние имавме традиција на гласање по етнички линии. Потоа и јас во 2014-та добив значителен број гласови од етнички Албанци. Со ова не сакам да кажам дека гласањето за „нашите“ е нелегитимно, но по 30 години транзиција мислам дека конечно повеќе не треба да не интересира етничката припадност, туку квалитетот на кандидатот“, смета претседателот Пендаровски.

Во однос на составот на идната влада, која ќе ја води државата низ сложен и долг процес на преговори со ЕУ, претседателот Пендаровски смета дека од стратегиска важност е сите министри да имаат јасен демократски капацитет и проевропска ориентација.

„Но, не е само тоа. Тие треба да бидат луѓе кои не биле инволвирани во ниту една афера со криминален бекграунд имајќи предвид дека нашиот далеку најважен предизвик во годините што доаѓаат ќе биде владеење на правото, и последно, но не и најмалку важно, не само првиот, туку и вториот и третиот ешалон на функционери да можат да добијат безбедносен сертификат од НАТО бидејќи како земја-членка само така ќе нѐ прифатат како кредибилен партнер од доверба во Алијансата“, вели Пендаровски.

Говорејќи за односите со соседите, Пендаровски уште еднаш нагласи дека е неприфатлива идејата за размена на територии и население како евентуална солуција за решавање на косовското прашање.

Тој не очекува блокада на Северна Македонија од Бугарија, потенцирајќи дека европската интеграција на регионот е стратегиски интерес и на Софија и на Брисел.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата