Фондот за иновации и технолошки развој соопшти дека ја запира реализацијата на проектите од компании што се најдоа на листата на УЈП за неисплатени минимални плати од државна помош.

Стaнува збор за три активни проекти, од кои за еден се досега исплатени финансиски средства (Гери Ван Симон ДООЕЛ), а кои се предмет на мониторинг од страна на меѓународна ревизорска куќа. За активните проекти на останатите две компании (МСТ Солушн и Лини 08 ДООЕЛ) досега не се исплатени финансиски средства од Фондот.

Овој чекор следи по објавените податоци од УЈП и Генералниот секретаријат на Владата, што укажуваат на несоодветен однос на овие компании кон работниците, особено во време на глобална пандемија со Ковид-19.

„ Истото, сериозно влијае врз угледот, а со тоа и капацитетот на овие компании за реализација на предвидените проекти. Потсетуваме дека капацитетот, како и поширокото влијание на проектите се дел од критериумите за евалуација и доделување на финансиска поддршка од Фондот. Одлуката во однос на натамошниот статус на овие проекти ќе биде донесена од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот, а по завршување на процедурите пред надлежните институции задолжени за реализација на државната помош за минимална плата“ велат од ФИТР.

Фондот за иновации и технолошки развој спроведува строги процедури и механизми за заштита на јавниот интерес и средства, што важи за сите корисници, без исклучок.

извор: Makfax

Најчитани вести