Во Вардар е бурно, турбулентно. Се прават обиди да се спаси клубот, финансии нема, долговите растат од минута во минута. Она што се знае е дека попладнево Александар Васовски во базата во „Хиподром“ ги почнува подготовките на десетина дена пред стартот на шампионатот.
Од „маркетот“ во Вардар се знае дека потпис има од Дејан Блажевски, Филип Петковски е пред кам-бек а во плановите за засилување во средниот ред е Бојан Најденов.
Од оние кои заминуваат Кристијан Тошевски денеска патува за Албанија и се наоѓа пред трансфер во екипата на Тирана која е првак на оваа земја. Десниот бек веќе го кажал својот став и крева раце од новата мисија наречена „евтин Вардар“. Заминува и најдобриот стрелец Даниел Аврамовски кој имал сериозна понуди од Рига (Летонија), Хонвед (Унгарија), ЦСКА (Бугарија)…. Но Цујо чека на повик од Белгија за „скап“ трансфер.
Она за што има надеж во Вардар е да останат Филип Најдовски, Јован Поп Златанов, Матеј Цветаноски и Дарко Мицевски. Но мали се шансите затоа што сите имаат подобри понуди во моментов. Филип Гачевски се збогуваше со клубот, Владица Брдаровски нема договор и е слободен агент.
А децата!? Сите си заминаа. Џемо Ибиши замина на промоција во Локомотива Загреб, од Али Адем нема глас, Игњатов и Омерагиќ се со документите во раце, Бојан Димоски замина во Академија Пандев. Ќе биде тешко но ако се сака се се може. Но сега се сака а пари се нема…