Лебедова песна

19.07.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лебедова песна

Лебедот кога ќе остане без својот партнер, се самоубива изгладнувајќи се. Оттука, лебедовата песна е последната песна на поетот пред да умре. Во септември 2009 година, мојата прва колумна за „Нова Македонија“ се викаше „Лебедова песна“. Се однесуваше на Македонија, нејзината лебедова песна пред да умре како идентитет. Тогаш практично ја почнав мојата лична борба за зачувување на македонското име и македонизмот, кои беа ставени под гилотината на изопачената светска моќ. Со ист таков наслов и завршувам.

Ова е мојата последна колумна во која ќе има трошки политика. Од следната недела, доколку одлучите да ме читате, ќе бидам повторно јас, ама само уметникот јас. Нема веќе политика, нема веќе Македонија.
Се изначитав (изнаслушав) сенешто. Софтверот на ДИК падни-стани. Чудна промена на резултати. Осумдесет илјади гласови на ВМРО-ДПМНЕ и Левица бесмислено (смислено) распоредени кај СДСМ, ДУИ, Беса. Хакерски напади. Изборни поткупи. Кражба на гласови. Искрено, ништо од тоа не ме интересира.

За мене, СДСМ и ДУИ се победници. Дури и резултатот да беше 46:44 за ВМРО-ДПМНЕ, пак за мене СДСМ ќе беа победници. Ова е нивна историска победа. Не затоа што првпат победуваат по 18 години, туку победуваат како партија што ги укина Македонија и македонскиот идентитет, ја збриша македонската историја, го поништи АСНОМ, нè сведе на вештачка творба од 1945 година, а наскоро ќе го збрише и македонскиот јазик. СДСМ ги укина Македонците, а тие, преименувани во три коси црти, им дадоа победа. Заедно со 50 проценти три коси црти што не гласаа. Затоа е ова историска победа на СДСМ. Таква е мојата математика. Тоа значи дека Северна Македонија е прифатена како реалност.

Но овие избори јас ги доживувам и како ослободување. Мое лично ослободување. Македонскиот народ ме ослободи од товарот да продолжам да се борам со неправдата во која живееме. Од 15 јули наваму, за мене е бесмислено да се борам за Македонија. За Македонците. За нивното право како сите други народи да се самоидентификуваат. Има луѓе што денес тврдат дека Македонците настанале врз база на политички експеримент. Тоа е идиотизам. Македонците имаат вековен континуитет и за тоа постојат докази.

Но има и една друга вистина. Македонците што имаат вековен континуитет ќе исчезнат врз база на политички експеримент. И јас, како знаев и умеев, се борев против тоа. Сега веќе не морам. И не сакам. Резултатите од избориве јас ги доживувам како апел до мене. Готово е Русјаков, гласи апелот, поразен си, сега врати си се на своите стихови и реченици и не го тупи веќе!

Немам проблем да признаам пораз. Не се срамам да кажам дека сум згрешил. Воопшто не ми пречи да заклучам дека сум излегол невиден глупак. Ме порази совршената моќ. Длабоката држава, ЕУ и НАТО. Обединетите нации. Тие го спроведоа ова налудничаво сценарио за поништување на цел еден народ. Многу моќ, многу пари, не им беше тешко. Не ме боли поразот. Од нив. Ме поразија македонските политички партии. Нивната наркоманска зависност од моќта што спроведува врз нас идентитетски геноцид. Нивниот полтронизам, кукавичлак, безидејност. Не ме болат ниту тие. Ме порази македонскиот народ. Сеедно му е. Тоа е конечниот пораз за мене. Оној што боли. Ќе преживеам. Научен сум на болка и страдање.

Да, згрешив, признавам. Заборавив на себе. На моите најблиски. Свесен за својот талент и квалитет како писател, ја насочив сета животна енергија во борбата за одбрана на името и идентитетот. Ги потрошив најубавите години. Можев да работам на својата книжевност, филмски сценарија, можев да се обидам да го продадам мојот талент надвор, а јас „војував“ со сето срце и ум во однапред изгубена војна.

Патем си создадов моќни непријатели. Тие моќни непријатели кај моите најблиски родија оправдан страв. Не биди луд, еден ден ќе те снема, ми велеа. Еднаш се живее, им враќав, и затвор и смрт се за луѓе. За правда и вистина е чест да се пострада. Ете затоа излегов невиден глупак. Идеалистички верував дека не можат тукутака да се убијат правдата и вистината. А и двете се на страната на Македонија. Глупав идеалист. Ама не запирав да пишувам. Зборовите, моето оружје, верував дека ќе родат плод. Глупак! Си добив обвиненија дека за моите ставови земам стотици илјади евра. Не ми пречеше. Се смеев.

Оние што се научени дека мора да им се плати макар и прднале, не знаат поинаку. Малку ме болеше што во нивната поганост се расфрлаа со стотици илјади евра, а јас и моето семејство откако знаеме за себе, одиме по работ на финансиската пропаст. Барем да заработеше нешто, ми велеа луѓето. Идеалите се добиени бесплатно од Бога, им враќав, бесплатното е грев да го наплаќаш.
Дојде и ова последното. Следен и прислушуван под сомнеж за тероризам.

Боже Господе! Зарем моите глаголи се експлозивни направи? Тоа се прашував. Па, овие запнале, мене недостојниот, да ме запишат во историјата на Македонија? Обвинет и осуден за тероризам поради зборови и реченици, поради јавно искажан збор против промена на име и поддршка за бојкот на референдум. Какви само аматери полни злорадост и одмаздољубивост. Нека тераат, си реков минатата недела кога се обелоденија документите, нека конструираат обвинение, нека монтираат „докази“, мене ме интересира на крајот дали подобро пишуваат научна фантастика од мене.

Петнаесетти јули ми удри шлаканица со која ми кажа колку сум бил занесен и глуп. Оттука, за мене повеќе нема никаква логика да се борам против тридецениските злосторства. Досега двапати сакав да кренам раце од сè. Првиот пат кога насилно, преку балкански методи ни ја поништија референдумската волја. Вторпат за претседателските избори, кога видов како патриоти си вадат очи.

Ова третово ја прелеа чашата. Знам дека е доцна за мене, имам 43 години и начин на практикување живот што нема уште многу да ме толерира, ама редно време е да се посветам на себеси и моите најблиски. Имам илјадници страници ненапишани приказни, безброј неиспеани стихови што ги задушував барајќи правда за Македонија.

Не знам уште колку Бог ми одредил битисување, не знам со каква голгота ќе ме почести изопачената моќ, ама знам дека тука завршувам со македонизмот и продолжувам со она што не можам да го контролирам… уметноста на зборот. Македонија веќе ја нема и јас не можам ништо да променам. Ама можам да се променам себеси. Можам да се потрудам да бидам корисен за најблиските.

Едни ќе се радуваат, други ќе ме третираат како идиот и кукавица, трети ќе здивнат, ама мене ништо од ова веќе не ме допира.

(Алек Русјаков, Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата