Се чини како никогаш досега во самостојна Македонија се градат или реконструираат стадиони, трибини, потоа се градат или реконструраат терени, се поставуваат рефлектори. Јасно е дека за се ова главен двигател е Фудбалската Федерација, која со помош на Хет Трик програмата на УЕФА буквално е во градежна офанзива. И секој мора да каже, без разлика што и како мисли за Федерацијата, дека ова е добро, дека ова е инвестиција за нашата фудбалска иднина.

Па да тргнеме по ред.

Во Чаир се гради најсовремена трибина, конечно фудбалскиот храм на Шкупи ќе личи на еден модерен стадион, а не на стадионче. Ќе имаат чаирчани со што да се пофалат.

Во Охрид, во нашиот најголем туристички бисер наголемо се гради трибината на стадионот на СРЦ „Атина Бојаџи“. Исто така во Битола под “Тумбе Кафе“, онаа стара, од праисторијата трибина е минато, тука за неколку месеци ќе добиеме модерно здание на задоволство на битолчани.

Во Прилеп конечно по пет-шест години, “Гоце Делчев“ виде трева, се поставуваат и рефлектори. Тука свој удел имаат и градските власти, па така под Маркови Кули за кусо време ќе добиеме стадион од висока класа.

Набргу ќе почнат и активности на комплексот на ФФМ “Петар Милошевски“. Во Скопје. Се поставуваат нови рефлектори со цел да може да се играат вечерни натпревари, а се поставуваат вештачки подлоги на два терена.

Да не го заборавиме Штип, имено под Исарот на Градскиот стадион никнува нова, модерна западна трибина. А кога ќе се заокружи изградбата на целиот стадион, штипјани ќе имаат зошто да бидат горди.

Да споменеме дека во Велес ќе се гради тревнат терен, исто како и во Џепчиште.

Се ова мора кога тогаш да вроди со плод, секако дека можеме да очекуваме некои нови мега таленти како Елмас, Барди, Тошевски…