Нашата програма предвидува десет стратешки определби со кои што си ја враќаме државата назад, рече во Прилеп, лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев.
„Се заветуваме дека нема да отстапиме од овие определби, да ги поништиме антимакедонските договори со Грција со кои се брише името, идентитетот, историјата на македонскиот народ, поништување на договорот со Бугарија со кој се бришат Македонците во Пиринска Македонија, поништување на законот за двојазичност, Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на сите малцинства. Службен јазик македонскиот и неговото кирилско писмо“, објасни Бачев дел од програмските опредлби на неговата партија која е дел од коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“.
Исто така Бачев кажа дека веќе неодложно е спроведувањето на реален попис.
„Мора најпосле да се преброиме и да ја видиме реалната бројка на населението, бидејќи пописот од 2002 ге фалсификуван и со тој попис албанците лажно беа прикажани дека се 25,17 отсто“, рече претседателот на Единствена Македонија.
Во однос на економијата кажа дека генерална определба е ревизија и одземање на украденото во криминалната приватизација и пост приватизација.
„30 години имаме две партии ДПМНЕ и СДС кои што само крадат, лажат и ја растураат државата. Во суштина тоа не се две партии, тоа е една партија ‘Погреб за Македонија’ која што работи на уништување на државата. Затоа народот мора да одговори“, порача Бачев.
Додаде дека на 15 јули ќе победи народот и ги повика прилепчани да ја поддржат коалицијата „Никогаш северна, само Македонија” предводена од неговата партија.
извор: Makfax