По повод многу неточни и злонамерни написи објавени во последните денови во одделни медиуми во Република Северна Македонија, имам лична и професионална обврска да ја соопштам вистината во врска со снимениот разговор, кој го имав со бизнисменот Зоран Милевски, вели во писмото црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ

– Бизнисменот Зоран Милевски го запознав преку угледен белградски бизнисмен, кон крајот на 2016 година. Милевски ми е препорачан како сериозен деловен човек од Македонија, кој е во можност да ми ја пружи потребната поддршка и логистика, поради што и го ангажирав како консултант, преговарач и посредник, во деловни проекти кои сакав да ги реализирам во Република Северна Македонија, пишува Дака.

Тој објаснува дека како сопственик на голема површина земјиште во општина Штип, на Брегалница, кое по својата локација е погодно за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнал договор со познати австриски и кинески компании, кои биле подготвени да обезбедат финансиски средрства за реализација на тој проект, додека негова обврска, како сопственик на земјиште, била да обезбеди градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на проектот.

– Со оглед дека во конкретниот случај се работеше за проект од повеќемилионска вредност, износот од 300.000 евра на име услуги консалтинг, посредување, логистика и застапување пред надлежните органи во Република Северна Македонија, не беше несразмерен со толку голема вредност на проектот. Значи, медиумската квалификација дека се работи за мито е премногу насочена и пресметана, бидејќи во овој деловен однос не постои ниту еден елемент што би укажувал, а камоли одредувал наведена исплата како мито и корупција. Сето ова укажува дека некому е само цел деловно да ме дискредитира и да се обиде да ја спречи реализацијата на започнатите деловни проекти во Република Северна Македонија – вели Дака.

Тој вели дека фактот оти наведените парични средства му ги исплатил на Зоран Милевски во времето на владата на Никола Груевски, а не во владата на Зоран Заев, потврдува дека написите се невистинити,  дека се со цел и монтирани.

– Милевски, и покрај сите ветувања и преземени обврски, не успеа да обезбеди ниту една дозвола, ниту презеде какви било активности за реализација на проектот во Општина Штип, единствено што стори за мене е што ми организираше состанок со премиерот Зоран Заев. Точно е дека на состанокот со премиерот Зоран Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми е дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи, веќе доделени, упатувајќи ме кај генералниот секретар на владата,  Драги Рашковски да му проверам какви се плановите на владата за идниот период, врзано за доделување нови концесии. Меѓутоа, ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект – пишува Миодраг Дака Давидовиќ.

Според него, евидентно е дека Милевски не исполнил ниту една преземена обврска, како и дека тој  не реализирал ниту еден деловен проект, така што огромните парични средства што ги вложил во недвижности останале неактивни и заробени во Македонија, поради што не остварил никаква корист, што укажува дека квалификациите на одредени медиуми, дека во овој случај се работи за мито, се неточни и злонамерни, и само и штетат на државата, бидејќи тоа е лоша порака на сите странски инвеститори, кои сакаат да инвестираат во Република Северна Македонија.

Аудио бомбата која се појави на „ЈуТјуб“ каналот „Раце Лепливи“, открива фрапантни сознанија и сомневања за криминал од интернационални рамки во кој се врзува името на контраверзниот српски тајкун Миодраг Давидовиќ Дака, Зоран Заев и Рашкоски. Врската за овие три имиња е Зоран Милески Кичеец кој пак е осуден за случајот Рекет.

Во снимката двајцата соговорници ги споменуваат имињата на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев. Соговорникот кој зборува на српски јазик споменува дека му дал пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања кои му била дадени на Давидовиќ за бизниси поврзани со хидроцентрали и со ветерници во Тетово и во Штип.

Најчитани вести