Царовска: Пензискиот систем е стабилизиран, 324 илјади пензионери земаат поголеми пензии

30.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Царовска: Пензискиот систем е стабилизиран, 324 илјади пензионери земаат поголеми пензии

Средба со претставници на Сојузот на здруженијата на пензионери и пензионерите од општина Центар и со претставници на граѓанската организација „Хуманост“ денеска одржаа вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Како што информираат од владината-прес служба, на средбата која се одржала во ботаничката градина на училиштето „Киро Глигоров“, се дискутирало за она што е направено во изминатите неколку години за пензионерите и возрасните лица, како и за актуелните предизвици кои се појавијале поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

„Сметам дека како Влада покажавме дека успеавме да поместиме три парчиња од мозаикот кои се однесуваат на подобрување на животниот стандард на пензионерите, развојот на посебните услуги за пензионерите и возрасните лица и стабилизација на пензискиот систем, која е важна и за сегашните, но и идните пензионери. Две години напорно работевме на пензиската реформа, а како резултат на тоа заштедивме 3,7 милијарди денари во Фондот за пензиско осигурување, со што обезбедивме сигурност на системот, да и ние младите за 30-ина години може да добиеме пензии, како и за исплати на сите пензии на актуелните пензионери и сите оние кои тоа ќе станат за 10, 15 или 20 години“, потенцираше вицепремиерката Царовска.

Таа посочи дека во изминатите две години и покрај тоа што интензивно се работело на стабилизација на Фондот за пензиско осигурување, пензиите продолжиле да растат.

„Во овој период, просечната пензија се зголеми за 824 денари, додека во 2020 година, во согласност со економскиот раст и растот на минималната и просечната плата, добивме дополнителни 722 денари за секој пензионер во нашата држава или вкупно 324 илјади пензионери. Преку програмите на Министерството за труд и социјална политика и со поддршка од Светска банка обезбедивме дополнителни финансиски средства да општините заедно со здруженијата на граѓани на локално ниво обезбедуваат услуги за поддршка на пензиониерите во домот“, нагласи Царовска.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата