Мицкоски од Куманово: Време е за нови политичари

29.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски од Куманово: Време е за нови политичари

Почнува нова ера на политичари чиј телефон нема да биде на сајлент, кои ќе работат посветено на исполнувања на проектите опфатени во еден од многуте проекти опфатени во „Обнова за Македонија“, порача од Куманово лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашнава средба со граѓаните на градскиот плоштад.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ вети поголема плата за 25 проценти, поголема пензија за 20 проценти која ќе се нивелира по стариот закон два пати годишно, 1.000 километри реконструирани патишта, субвенции за фасади, како и бесплатен приклучок на гас за почист воздух, четири милијарди евра домашни и странски инвестции.

Мицкоски рече дека невработеноста ќе биде под 10 проценти и ќе има најнизок данок од осум проценти, како и нула проценти данок за работодавците кои ќе вработат млади лица.

– Го укинуваме прогресивниот се враќаме на стариот рамен данок, а од оние три денари акциза кои ви ги земаат за да си ги делат преку сомнителни тендери, ќе ги поделиме и ќе ги вратиме назад кон народот, рече Мицкоски.

Тој вети од овие средства по 800 милиони денари за спортот, културата, образованиете или вкупно 2, 4 милијарди денари за овие сектори, додека за земјоделците вети 640 милиони евра и загарантиран откуп.

Осврнувајќи се на власта, Мицкоски рече дека можела многу за овие три години, ама не сторила ништо, „ниту 500 евра плата, ниту враќање на младите“, туку само „ја омаловажува државата“.

– Враќање на националното достоинство. Го слушам вчера, не знаел за што се борел нашиот Гоце Делчев и потоа ќе ве чуди како распродавал. Ние ќе му порачаме Гоце е нашиот, Гоце е Македонецот, и за тој човек нема преговарање, не постои историска комисија која ќе нè убеди дека тој бил нешто друго од ова што ние го зборуваме, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ ги повика кумановци да гласаат за број 14 и да стават крај на како што кажа „политичкото мочуриште“ во државата.

Носителот на листата од ИЕ 2, Владо Мисајловски рече дека Куманово заслужува да биде урбан убав град, бидејќи е најголема општина. За две недели да ја побараме поддршка од граѓаните, бидејќи после рече тој, може да биде доцна.

– Овој тим ќе донесе обнова за Куманово, лично ви ветувам дека ќе се потрудам максимално да бидат тука и ве уверувам дека во новата Влада ќе има луѓе од Куманово кои ќе ја водат, рече Мисајловски.

Пред присутните зборуваа и кандидатите за пратеници Рашела Мизрахи, Бране Петрушевски, Иван Стоиљковиќ, Кети Димковска и Тихомир Алесковски, кои повикаа да се гласа за Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, со цел, како што порачаа, „да се обнови градот и државата“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата