Понеделнички

На годишен одмор во Вухан

7.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
На годишен одмор во Вухан

И, додека дремете три дена дома во карантин во време на Духовден, како ви се гледа сега Венко Филипче, а? Од партискиот херој на Бихаќка не остана ни партал, а камоли костим на Супермен. Гола вода, пријатели. Блефирање и шарлатанство.

Соголен, се скара и со новинарите. Он многу работел, секој ден давал податоци за состојбата. Филипче, Филипче, твое е да ја менаџираш и решаваш кризата, а бројките може да ни ги кажува и шоферот твој. Не е тоа твојата работа, друго е. Преброј го персоналот во Градска болница што ти е во карантин, цел персонал во Кожна болница беше во карантин, пола од шефовите на СДСМ ти се во карантин. Немаш набавено ниеден респиратор, а лекарите се штитат со опрема од донации.

Цела Европа отвара граници, почнува туризам во Грција, Црна Гора, во Хрватска... Србиве играат фудбал со публика, полни кафани и трговски центри низ Бугарија... Кај нас има три пати, да – 300% повеќе заболени отколку кога Филипче збореше дека е врвот на епидемијата. По 100-180 нови заразени секој ден! Хаос.

И Доктор Вело Марковски рече дека ваква експлозија на епидемијата не е видена во ниту една држава во Европа. Патем, да го исправам доктор Марковски, многу дискутабилно е дека Македонија е држава, можеби повеќе и личи само “татковина“. Кај нас изгледа е точен вицот дека Филипче наредил дење да се гасат респираторите, да се палат само на ефтина струја. Затоа смртноста на респиратори ни е 95%. Морало да се штеди од буџетот. Тука мора, на друго место – не мора.

Филипче не теши дека во Италија болните лежеле по ходници, а кај нас не. Да, кај нас лежат дома пошто не ги примате во болница и заразуваат други. Сам кажа дека од 120 ново заболени скоро сите биле од 15 фамилии. Па, ако е воопшто така, што правевте вие за 120 души од 15 фамилии да не се заразат. Да не ги носите на душа починатите. Не ги изолиравте заболените во болница за да не настрадаат сите околу нив. Или, на нас, според Филипче и Заев, болниците ни служат како трговска стока за идна приватизација која Филипче и Заев јавно ни ја најавија.

Шарлатанството може да излаже јавност и замае луѓе, ама не сите луѓе и не цело време. На Филипче и Заев им требаат гласови за избори, а не здрави граѓани. Токму затоа на Македонците им забранија Велигден и ги напикаа дома во карантин, а на Албанците им отворија џамии за Бајрам. Сега се жалат дека албанските општини биле епицентар на епидемијата. Да, така е. Одговорноста за здравјето и животите на тие Албанци оди на душа на Филипче и Заев.

Пробаа да им се вовлекуваат на Албанците со слободно движење за Бајрам и ги фрлија заразени во кревет. И сега, од тие Албанци што ги фрлија во зараза, очекуваат гласови. Заев ќе се бори за Албанците до последниот Албанец.

Ама гледам на Али Ахмети му текнало дека е тука затоа што треба Албанци да гласаат за него, па се впушти во оштра борба со Заев за албанските гласови. Исходот е неизвесен. Понудата на Ахмети дека Албанец ќе биде премиер не држи, Заев тоа го прави за албанските интереси поенергично од било кој командант на УЧК, вклучитено и командант Вентили.

Македонските гласови не им требаат на Али и на Заев. Македонците го имаат ВМРО и Мицкоски, мнозинство се и треба да го покажат и докажат тоа дека се живи, дека се тука, и дека и тие имаат свои интереси во политиката и животот.

Да се вратам на темата. Врв на шарлатанството е прогласување каратин за Духовден. Пошто ставот и чувствата на Македонците, Србите, Власите... православните, за Заев и Филипче не се битни, за Духовден пак ги начукаа во карантин. Им забранија да одат на гробишта, па во Бутел испратија дури и специјалци. Хорор. На гробишта да се видиш со други е опасно, на избирачко место не е. Не е ни кога делиш партиски пакети и флаери во Струмица.

И види им го паметот шарлатански. Најавија три дена карантин, ама не во цела Македонија. И, сосема очекувано, едно 50-60.000 скопјани ладно го напуштија градот кој е епицентар на зараза и се распослаа по Маврово, Охрид, Струга, Дојран. Да ги дозаразат останатите.

Први му ја здуваа од СДСМ, тие кои ја дадоа наредбата за карантин. Шекеринска замина во Маврово да се прибере по резилот со сликање под знаме на УЧК. Шилегов е во Маврово, генералниот секретар Љупчо Николовски во Берово, Заев во Струмица си ги средуваше ќаровите. Стасаа парите, кредитот од обврзницата, да се почасти човекот. Остатокот на СДСМ им е во карантин, кој заразен, кој превентивно. Ако некое друштво не почитувало мерки и се испозаразило, тоа е секако врвот на СДСМ. Бројките го докажуваат ова. Од ВМРО нема заразен никој.

Затоа Манулаќ и полицајците на Заев го следат во чекор Мицкоски додека шета на Водно, оди во теретана или, замисли, бил на ручек во Дебар маало. Да имаше и он куќа на Халкидики или фирми и бизниси во Бугарија, ќе одеше таму, а не во Дебар маало. Сега ми е јасно, они не прогонуваат опозиција, Заев и Манулаќ уствари го следат и прислушкуваат Мицкоски и неговите за да дознаат како они успеваат да не се заразат како нивните од СДСМ.

Филипче остана во Скопје. Фрла трета плоча на новата куќа во Нерези. Избори се ближат, за секој случај. Болницата во Штип стои, ама мајсторите кај Филиче градат.

Прогласуваш три дена карантин во Скопје, ги мачиш луѓето и им ги уриваш бизнисите, а скопјани си одат од градот. Ќе ги казнувале охриѓани дека на скопјанишчава им издавале станови за викендов. Што не ги казнат и во Маврово, или хотелите што ги примиле како гости.

И, за кого е карантинот во Скопје. За кучињата скитници, за семафорите и таксистите. Или, им се уарни на Филипче и Заев диктатурата со вонредна состојба и забрани и не можат така лесно да излезат од филмот за сопствената важност во овие судбоносни моменти. Како Катица која се уште верува во филмот дека е таа шеф на Чарлиевите ангели. Дури и гола се соблече, ама младичот не се појави.

Можеби нема пари за лекарите, медицинскиот персонал, за полицајците... Поради штедење не се даваат пари за плати на оние кои заради наредба на оваа влада останаа без работа, туку им даваат кредит. Ама, на својата штала не се штеди. Еве, 500.000 евра Заев од државна каса ќе даде за партиската ергела, за невладините на СДСМ кои ќе едуцирале граѓаните да се справеле со епидемијава. И тоа кога неговата влада тврди – епидемијата заминува. Пола милион евра ќе ги исплати пред избори да лепат плакати и праќаат партиски пораки по Фејсбук и Твитер.

Не се купи ниеден респиратор, ни комбе за брза помош, ама затоа владата, пак на невладината ергела на СДСМ, ќе им исплати 200.000 евра за 150.000 куртони и 80.000 подмачкувачи за безболен секс. Богами, планираат ново изборно ебење на сопствениот народ па да го боли помалку, и да не ги зарази нив. Не гледам зошто инаку би се дале толку многу пари кога цела држава стенка под немаштија. И тоа не по свој избор, туку заради забрана за работа која им ја изрече оваа влада.

А да знете која нервоза, страв и паника владее на Бихаќка. Душата им трепери како жицата македонска на Заев од минатите избори што трепереше. Филипче им качи рејтинг првите недели од кризата, ама последниве недели им го урниса. Од анектите правени минатата недела СДСМ заедно со Беса, на куп, се 50-55.000 гласови позади ВМРО. Агонијата на Филипче и Заев е во тек, секоја недела ќе губат по нови гласачи, и на крај пак ќе се врати разликата на оние 70-80.000 предност за ВМРО што беше пред епидемијата. Падот им е незадржлив.

Дури и да не ги знаете анкетите, ја гледате состојбата, паниката и сами. Го следат Мицкоски и носат со себе нивни новинари и специјалци, дури и на ручек во кафана. Местат ситуации. Пазарна инспекција чекала влез во кафана, па пушта покана за прес конференција од мејлот на владата. И сето тоа - спонтано.

Директорката на УЈП и заменик министерката за полиција делат партиски флаери за викенд. Директорот на независната Финансиска полиција и на Разузнавање на партиски состанок со заразени лица од врвот на СДСМ. Премиерот дели изборни пакети во Куманово. Ја следат и и се закануваат на Рашела Мизрахи. Сокол, човек од кабинетот на Заев, на улица му се заканува на Игор Дурловски.

Инфлуенсерот Кристијан Јандриоски го собира полиција од дома во 5 сабајле. Полиција со автомати забранува влез на гробишта. Голема е нервозата, и потребата да се демонстрира сила. Коста Манулаќ бара Шекеринска да го активирала членот 4 од Протоколот на НАТО. Не знам што е тоа, ама веројатно не е НАТО авиони да полетаат од базата во Италија и да ја бомбардираат опозицијата.

Уште кога видовме, пред камери, како градоначалникот на Гази Баба наредува полицијата да ослободи уапсени, вооружени Албанци од Арачиново, јасно е се. Овде држава нема. Овде има власт без држава, затоа што држава се законите.

Од неделава очекувајте нови трикови. Мора итно да се намали бројот на заболени за да има избори на 5 или 12 јули. Нагло ќе се намали бројот на државни тестирања, а за приватните клиники кои тестираат ќе има нови упатства дека ќе се тестираат само оние со температура и тешки симптоми. За останатите – нема да има тестови, само анкета запишна на лист за тоа дали киваат, и слично.

На 26 мај Филипче, пред камери, изјави: Битката со вирусот е добиена. Кој му верувал пак се излажал. Никој веќе тој мрачен лик не го зема за озбилно. Гледам, на телевизија го потпишуваат како министер за земјоделие, толку им е важен на новинарите што заборавија која му е функцијата.

Границите се се уште затворени. А тие што беа отворени за нас, како кон Бугарија или Црна Гора, итно ги затворија кога заразата експлодираше со 300%. Наш човек може да оди на одмор, во туризам, евентуално во Вухан.

(Д.П. Латас  08.06.2020)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата