Запалени „крвави“ фотографии од Филипче, д-р Васев и други во скандалот на Онкологија

18.09.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Запалени „крвави“ фотографии од Филипче, д-р Васев и други во скандалот на Онкологија

За време на денешниот протест за случајот со Клиниката за онкологија, со барање „Правда за жртвите“, се побара разрешница за сите инволвирани во „скандалот со Клиниката на онкологија“, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

Насобраните граѓани палена измачкани со црвена боја фотографии со ликовите на повеќемина функционери од кои се бара одговорност. Организаторите најавија дека ќе ги интензивираат протестите.

– Нема да има социјална правда дур не се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!, беше посочено на денешниот протест.

Нагласуваат дека донесените измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку, како што истакнуваат, ние тоа не го дозволиме.

– Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и поради тие причини протестите ќе ги интензивираме. Нашите барања и ултиматум од овој протест, се истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола – наведуваат организаторите.

Претходно, министер за здравство Фатмир Меџити денеска имаше брифинг со новинари, каде кажа дека очекува истрагата за Клиниката за онкологија да заврши во најкраток можен рок. Како што додаде тој, пациентите така ќе си ја вратат довербата и кон лекарите и кон здравствените институции.


Повеќе фотографии на Нова Македонија

Фото: Фото: Маја Јаневска-Илиева, Нова Македонија

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата