Македонските граѓани не очекуваат владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски да донесе подобрување, односно само ниски 18% веруваат во неговите политики. Воедно само 19% очекуваат Владата до крајот на својот мандат да донесе подобрувања во делот на економијата.
За разлика 32,5% очекуваат влошување со Ковачевски, а 49,5% сметаат дека ќе биде исто во следните 6 месеци, додека 66,1% сметаат дека оваа влада не може да ја подобри економијата.
За тоа која политичка партија има капацитет да креира и реализира најдобра економска програма за Македонија, 13,5% од испитаниците сметаат дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ очекувањата се кај 8,3 отсто од испитаниците, а од ДУИ – 5,1 %.
Ова се дел од резултатите на најновата анкета на МКД.мк спроведено од агенцијата Маркет вижн од 5 до 16 јуни.
Најголем дел или приближно две третини од испитаниците сметаат дека ниту една од постојните партии нема капацитет да реализира добра економска програма.
Проектот за изградба на коридорите 8 и 10 го поддржуваат 59,4% од испитаниците. Само 12,9% сметаат дека проектот кој треба да го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ не е коруптивен, но 54,6% сметаат дека е коруптивен, додека нешто повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека е подобро овој проект да не се гради под вакви услови. Приближно една четвртина од испитаниците кои го поддржуваат проектот, сметаат дека не треба да се гради под вакви услови.
Анкетата беше спроведено од 5 до 16 јуни со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година