Владата НЕ ГИ ДАВА СТЕНОГРАМИТЕ од седницата, ДА СЕ ВИДИ КОЈ ЛАЖЕ ЗА ИЛОВИЦА, Бектеши или министрите од СДСМ

21.07.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Владата НЕ ГИ ДАВА СТЕНОГРАМИТЕ од седницата, ДА СЕ ВИДИ КОЈ ЛАЖЕ ЗА ИЛОВИЦА, Бектеши или министрите од СДСМ

Владата не ги дава стенограмите од седницата на која се гласало за спојување за концесиите за рудниците Иловица и Штука, а само така ќе може да се види кој ја говори вистината.

Откако беше изгласана одлуката дел од министрите на СДСМ изјавија дека биле излажани од министерот за економија Крешник Бектеши, додека пак тој рече дека ден однапред имале материјали, а за точката имало и дискусија.

Се бараше и повторно разгледување на точката, но на последната владина седница не се најде на дневен ред, па ја најавија за следната. Дали ќе се најде тогаш не знаеме, а во меѓувреме тие што гласале за неа, велат дека не сакаат рудници.

Според кажувањата на дел од министрите на седницата на 27 јуни, министерот за економија Крешник Бектеши како дополнителна точка на дневниот ред предложил комбинирана концесија, но седницата за Владата е тајна. Таа не ги дава стенографските белешки од седницата, од расправата за таа дополнителна точка.

На барањето на МКД.мк, во интерес на јавното информирање и во име на транспарентноста, да се добие стенограмот од владината седница на која министерот за економија Крешник Бектеши ја образложил одлуката на Управниот суд со предлог за спојување на концесиите за ископ на бакар и злато на Еуромакс рисорсис, од канцеларијата на портпаролот на Владата го добиле овој одговор:

„Ве информираме дека согласно со член 94 став 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, Владата не може да ви достави извадоци од стенограмот.“

Во член 94 став 6 од Деловникот на Владата пишува: „Секој член на Владата или директор на друг орган на државната управа кој присуствувал на седницата на Владата и секретарот на Секретаријатот за законодавство може да ги побара на увид стенографските белешки и во делот од негово излагање да изврши стилски и јазични исправки, при што не може да ја менува содржината на своето излагање.“

Ова всушност значи дека само присутните на која било владина седница имаат право на увид на стенографските белешки и никој друг. Каде е тука јавноста? На 27 јуни на владина седница на која биле присутни речиси сите министри, заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби, министерот Бектеши директно на седницата предложил дополнителна точка на дневниот ред. Ова значи прескокнување на вообичаената процедура за разгледување точки на владина седница, а тоа е претходна расправа на други надлежни владини тела, комисии, други надлежни министерства, други органи на државната управа.

 

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата