Времето на чекање на аеродромите низ Европа е двојно зголемено по воведувањето на новиот електронски систем

11.08.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Времето на чекање на аеродромите низ Европа е двојно зголемено по воведувањето на новиот електронски систем

Времето на чекање на некои од најголемите европски аеродроми леттово лето по воведувањето на новиот електронски систем на Европската унија за гранична контрола се удвои, според податоците објавени од „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).

На аеродромот во Франкфурт, максималното време на чекање во јули достигна 120 минути, што претставува зголемување во однос на 60-те минути претходната година, според податоците на аналитичката компанија „Кју-сензор“ (Qsensor).

Во Минхен, најдолготрајното чекање се зголеми од 31 на 60 минути, додека во Амстердам се зголеми од 80 на 120 минути.

Во април, ЕУ го воведе Системот за влез/излез (EES), според кој патниците од Обединетото Кралство и од други земји надвор од ЕУ мора да се регистрираат при првиот влез преку давање отпечатоци од прсти, фотографирање и доставување лични податоци.

Секторите за туризам и авијација претходно предупредија дека новиот систем би можел да предизвика значителни доцнења, бидејќи аеродромите нема да можат доволно брзо да ги обработуваат патниците.

Аеродромот во Франкфурт соопшти дека новите гранични контроли довеле до доцнење на летовите и други пречки во одвивањето на сообраќајот.

„Како што се продолжува времето на чекање, забележуваме значителен пораст на загриженоста кај туристите од Обединетото Кралство и Северна Америка во врска со тоа колку долго ќе мора да чекаат во ред“, изјави Оливер Максфилд, основач на компанијата „Qsensor“.

Извршниот директор на „Рајанер“ (Ryanair), Мајкл О'Лири, остро го критикуваше системот EES и изјави дека треба да се овозможи регистрација преку интернет.

„Само Европејците би смислиле вакви глупости“, им рече тој на инвеститорите минатиот месец.

 О'Лири додаде дека „Рајанер“ доживеал сериозни застои на приближно 15 аеродроми.

Системот за управување со сообраќајот (EES) има за цел да ја зголеми безбедноста на надворешните граници на ЕУ преку следење на влезовите и излезите, откривање на лица кои го пречекориле дозволеното време и помагање во лоцирањето на лицата што ги бараат властите.

Сепак, неговата имплементација е оптоварена со доцнења, технички проблеми и проблеми со опремата. Некои аеродроми привремено ги суспендираат одредени проверки.

Податоците од Минхен покажуваат дека подолгото време на чекање првенствено ги погодува патниците што се подложуваат на рачни проверки.

Автоматизираните ленти најчесто ги користат граѓаните на ЕУ, кои не се обврзани да се регистрираат во EES.

Следствено, многу аеродроми привремено ги суспендираа некои проверки - како што е земањето отпечатоци од прсти - за време на периодите на најголем застој.

Оваа опција треба да истече во септември, но осум земји-членки на ЕУ и Швајцарија побараа од Европската комисија да ја продолжи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата