Штрајкот, кој првично започна минатиот месец и беше откажан за време на празниците, продолжи откако вработените со огромно мнозинство гласаа за прекин на работата во знак на протест против лошите услови за работа, објавува Евроњуз (Euronews).
Одлуката е донесена вчера по генералниот состанок свикан од синдикатите ЦФДТ и ЦГТ.
Управата на музејот објави дека музејот ќе остане делумно отворен, а посетителите ќе имаат пристап до клучни дела како што се Мона Лиза, Венера де Мило и Ника од Самотрака.
Синдикатите предупредуваат на неколку клучни проблеми: хроничен недостаток на персонал, особено надзорници во галериите, планирано зголемување на цените на билетите за дури 45 проценти за туристите надвор од Европа и влошување на состојбата на зградата. Најочигледен пример за распаѓање е спектакуларниот грабеж на крунските скапоцености што се случи на 19 октомври минатата година.
Штрајкот првично беше започнат на 15 декември, но беше откажан четири дена подоцна. Сепак, заедничкиот синдикат ЦГТ-ЦФДТ-СУД најави нов состанок на почетокот на оваа година бидејќи, како што наведуваат, не е постигнат „доволен напредок“ во преговорите со Министерството за култура.
Иако министерството вети дека ќе ја повлече одлуката за намалување на финансирањето на Лувр за 5,7 милиони евра и најави нови зголемувања на вработувањата и платите, синдикатите сè уште сметаат дека овие отстапки се недоволни.
Се проценува дека девет милиони луѓе го посетиле Лувр во 2025 година, што претставува мало зголемување во споредба со 8,7 милиони посетители во 2024 година. Помал пад на посетеноста е забележан во текот на летото 2024 година поради одржувањето на Олимписките и Параолимписките игри во Париз.

