Вкупно 55 китови се насукаа вчера во областа Фарвел Спит. Иако повеќето успеаја да се вратат во океанот, 15 од нив повторно завршија на брегот и сега се расфрлани на километарска плажа, пишува Би-Би-Си. Волонтерите од непрофитната организација Проект Џона ги полеваат китовите со вода за да ги одржат ладни додека не дојде плимата. Нивната цел е да ги вратат животните во морето во текот на попладневните часови.
„Кога ќе дојде плимата, ќе мора да реагираме многу брзо за да ги собереме овие китови, а потоа да ги преместиме во подлабоки води“, рече Луиза Хокс од организацијата. Китовите се многу друштвени животни, па спасувачите се надеваат дека ќе ги соберат во „убава, тесна група“ за да им помогнат повторно да се поврзат и да отпливаат заедно.
Времето истекува. „Мораме да го направиме сето ова пред нивото на морето повторно да падне“, нагласи Хокс. Организацијата, исто така, упати повик за волонтери да помогнат во акцијата. Одделот за заштита на природата на Нов Зеланд испрати чувари, брод и дрон во Фарвел Спит за да ја следат ситуацијата.
Масовно насукање на китови редовно се случува на оваа локација, која тие ја опишуваат како „природна стапица за китови“ бидејќи се наоѓа на нивниот миграциски пат. „Китовите лесно можат да бидат измамени од брзото повлекување на плимата“, се вели во соопштението. Токму на оваа локација во февруари 2017 година беше забележано најголемото насукање на китови во Нов Зеланд за повеќе од 100 години, кога на брегот беа пронајдени повеќе од 400 китови.

