Топ три европски града кои можете да ги видите за првомајските празници за помалку од 200 евра

13.03.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Топ три европски града кои можете да ги видите за првомајските празници за помалку од 200 евра

До првомајките празници остана нешто помалку од два месеци, па многумина уште сега планираат како најдобро да ги искористат неработните денови. Мај е идеално време за патување и посета на европските градови, а каде ќе се упатите зависи од времето и, секако, од парите кои сте спремни да ги издвоите.

Еве топ три дестинации што можете да ги посетите за помалку од 200 евра доколку патувате со автобус и престојувате 2-3 ноќевања.

Виена

Престолнината на Австрија, некогашниот царски град е место каде се сретнуваат минатото и сегашноста, традицијата и современоста. Ова е еден од најубавите европски градови со околу 1,5 милиони жители. Во Виена и околината постојат бројни фасцинантни градби, меѓу кои, секако и најпознатата палата Шенбрун, која била летна резиденција на хабсбуршката династија и која е изградена, со својата убавина, да го засени и парискиот Версај. Виена е град на музиката, град на уживањето за сите сетила, а секој турист за време на својот престој јаде парче од познатата сахер торта која е обележје на австриската кујна, како и парче шницла. Патувањето со автобус во Виена со три ноќевања ќе ве чини околу 150 евра.

Букурешт

Главниот град на Романија во последно време стана доста популарен кај европските туристи. Букурешт има преубави паркови, големи авении, специфична архитектура изградена претежно од француските и италијанските архитекти која е во контраст со сивите и еднолични социјалистички градби. Во самото градско јадро живеат повеќе од два милиони луѓе, а исто токлу жители има и во околината на градската зона. Покрај монументалните градби, овој град нуди одличен ноќен живот за младите. Пет дена, од кои три ноќевања и превоз со автобус чини 160 евра по лице.

Истанбул

Најголемиот и најважниот град во Турција, се наоѓа на бреговите на Босфорскиот проток што ги поврзува Мраморното и Црното Море. Тој е единствениот град што се простира на два континенти, Европа и Азија, град кој со векови бил центар во кој се мешале разни народи и култури, а во своето две и пол милениумско постоење бил еден од најзначајните европски градови на трите империи, Римската, Византиската и Отоманската империја. Уште од дамнина овој град е познат како Константинопол, а подоцна како Цариград.

Престојот во овој град нуди можност за посета на бројни историски знаменитости, почнувајќи од Аја Софија, преку Сината џамија до палатата Топкапи која повеќе од 400 години била место каде живеел султанот. Секако, не смеете да гo пропуштите и фантастичното крстарење по Босфор. Со речиси 10 милиони жители, Истанбул е еден од седумте најголеми градови на светот.  Во понудите на туристичките агенции аранжман за првомајските празници чини од 160-200 евра доколку патувате со автобус и престојувате две ноќи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата