Татко трогна многумина со порака за машката тага: „Мене никој не ме праша како сум“

27.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Татко трогна многумина со порака за машката тага: „Мене никој не ме праша како сум“

„Пред десет години, нашиот деветгодишен син почина од рак... Стотици луѓе ја прашуваа мојата сопруга како е и ѝ нудеа поддршка. Многу луѓе ме прашаа како е, како се децата и ми велеа да бидам јак за неа и за нашите две деца. Само неколку блиски пријатели ме прашаа како сум. Никој друг не ме праша. Дури ни мајка ми. Едноставно не им текнуваше. Беше навистина ужасно. Не затоа што мислам дека мојата сопруга не заслужуваше поддршка. Секако дека заслужуваше, но и јас“, напиша тој.

Многу луѓе се поистоветија со неговата приказна

Објавата предизвика силна реакција и собира речиси 2.600 коментари, што покажува дека луѓето се спремни да зборуваат на таа тема. Многумина споделија слични искуства.

„Сопругата и јас се разведовме. Таа после бракот, избра дрога и алкохол, а јас избрав да бидам татко. Луѓето сè уште ме прашуваат како таа се справува со тоа, и понатаму ја канат на родителски собири и дружења со децата,  иако децата живеат со мене седум дена во неделата. Тоа е неправедно“, напишал еден корисник.

Друг го споделил своето искуство: „Нашата куќа изгоре. Изгубивме сè. Луѓето од заедницата донираа тони облека и производи за хигиена за сопругата и децата. Но, ништо за мене. Година подоцна, сè уште мака мачам со облеката.“

Проблемот со машката тага

Во статија за Psychology Today, Ник Норман расправа за она што тој го нарекува „тивка епидемија“ кај мажите. „Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД, еден од десет мажи доживува анксиозност или депресија, но сепак помалку од половина бараат помош. Генерално, многу е помала веројатност мажите да побараат помош за ментални или емоционални тешкотии“, напишал Норман.

Тој верува дека коренот на проблемот лежи во општествените очекувања. „Вистинскиот проблем не е што мажите тагуваат поинаку. Проблемот е што културните очекувања на западното општество во голема мера ги обесхрабруваат мажите да тагуваат отворено“, забележува тој.

„Непишаните правила на ригидната машкост често ги наведува мажите да ги засрамуваат оние што се осмелуваат да излезат од оваа ограничена емоционална рамка. Така стануваме непријатели на сопствените браќа и создаваме уште поголема болка таму каде што е најпотребна поддршка. Треба да престанеме да ги засрамуваме мажите поради тоа што искрено ги изразуваат своите чувства. Треба да се поддржуваме едни со други, или барем тивко да се почитуваме“, заклучува тој.

Свеста може да помогне

Жанет Лорандини, основач на „Сафолк“ - Центарот за дигитална телесна терапија во Њујорк за „Апворти“ објаснува дека овој модел често се развива во детството.

„Многу момчиња растат во средини каде што нивните емоции се омаловажувани. Тие учат од мали нозе дека покажувањето тага или ранливост е знак на слабост и дека треба да „бидат силни“. Со текот на времето, ова може да доведе до тоа мажите да научат да ги кријат своите чувства, наместо да ги разбираат и да се справуваат со нив. Тие може да станат вешти во криењето на чувствата, но тоа не значи дека тие чувства не постојат“, вели таа.

Лорандини предлага да се развива свеста за сопствените емоции како едно од можните решенија.

„Свесноста ги охрабрува луѓето да забават, да ја забележат својата емоционална состојба и да си дозволат чувство на тага наместо да ја потиснуваат. Кога некој не си ги дозволува овие важни моменти на тага, тој го развива она што го нарекуваме потисната тага. Таа не исчезнува, останува потисната. Тагата нема да исчезне сè додека не се доживее. Често може да се манифестира на други начини подоцна, како што се гнев, злоупотреба на алкохол или дрога, прекумерна работа или други неприлагодени обрасци на однесување“, објасни таа.

„Тагата не бара некој да се скрши, туку бара простор да се доживее. Учењето тагата да се проживува преку мали и подносливи моменти додека се движите постепено напред, може да им помогне на мажите да се справат со загубата на начин што ќе ги почитува и нивните емоционални потреби и нивната улога во семејството“, заклучува Лорандини.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата