Како што е објавено на веб-страницата на СЕФ, меѓу политичките лидери кои учествуваат се новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе учествува преку видео врска, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Годишниот состанок во 2025 година ги свикува глобалните лидери за да се справат со клучните глобални и регионални предизвици. Ова вклучува одговор на геополитичките шокови, стимулирање на растот за подобрување на животниот стандард и управување со праведна и инклузивна енергетска транзиција“, се наведува на веб-страницата на Светскиот економски форум.
Клаус Шваб, основач и претседател на одборот на директори на Светскиот економски форум, рече дека Давос е единствен по тоа што обединува речиси 3.000 личности од светот на политиката, бизнисот и граѓанското општество „за да се соочaт со предизвиците на светот во длабока трансформација".
„Годишниот состанок во 2025 година ќе поттикне дух на соработка и конструктивен оптимизам со цел да се обликува претстојното интелигентно доба на поодржлив и инклузивен начин“, додаде Шваб.
Како што е наведено, 55-тиот годишен состанок на Светскиот економски форум ќе се фокусира на пет основни, меѓусебно поврзани тематски целини, од кои секоја е клучна за одржлива, инклузивна и просперитетна иднина.