Овие наоди предизвикуваат загриженост околу тоа како ова проширување на сенката би можело да ги промени морските екосистеми што зависат од сончевата и месечевата светлина за опстанок.
Речиси 90% од морскиот живот живее во т.н. фотична зона – површинскиот дел од океанот каде што продира доволно светлина за да се стимулираат биолошки процеси како фотосинтеза и однесување на животните. Со просечна длабочина од 200 метри, фотичната зона е од витално значење за рибните фондови и глобалниот циклус на хранливи материи. „Затемнувањето на океаните“ се случува кога доволно светлина не може да продре до овие фотични зони.
„Постоеја истражувања што покажуваат како површината на океанот ја менувала својата боја во последните 20 години, веројатно како резултат на промени во зоопланктонските заедници,“ вели д-р Томас Дејвис, доцент по морска конзервација. „Но, нашите резултати даваат докази дека ваквите промени предизвикуваат широко затемнување, што ја намалува површината на океанот достапна за животните што се потпираат на сонцето и месечината за преживување и размножување.“
За да ги испитаат промените во фотичната зона, истражувачите од Универзитетот во Плимут ја користеле „NASA Ocean Color Web“, која го следи количеството светлина што продира во морската вода преку анализа на нејзината боја. Користејќи податоци од 2003 до 2022 година, тимот открил дека речиси 10% од фотичната зона на океанот е намалена за 50 метри. Уште подраматично, во некои делови фотичните зони се намалиле за дури 100 метри.
Фото: New Atlas/ Davies and Smyth, Darkening of the Global Ocean: Global Change Biology
Ова значи дека морските организми, чие однесување е под влијание на фотони, нема да имаат доволно светлина за раст, движење, лов и размножување, што ќе ги натера вертикално да мигрираат поблиску до површината на океанот. Кога видовите што зависат од светлина се принудени да се преселат во потесен појас близу површината, конкуренцијата за ресурси и храна се зголемува, а животните се изложени на поголем ризик од предатори.
Ваквите услови можат да имаат сериозни последици за морските синџири на исхрана. Тие би можеле да предизвикаат фундаментални промени во целиот екосистем и дури да ја нарушат улогата на океанот во регулирањето на климата.
Што се однесува до причините за затемнувањето, тие веројатно варираат по региони. По крајбрежјата, зголемените врнежи и земјоделскиот отпад носат хранливи материи и талог во морето, поттикнувајќи раст на планктон. Дополнително, растворената органска материја и распаѓачката вегетација апсорбираат дел од достапната светлина. Во отворените океани, покачените температури на површината и цутењето на алги веројатно влијаат врз тоа како светлината се движи низ горните слоеви.
„И ние самите зависиме од океанот и неговите фотични зони – за воздухот што го дишеме, рибата што ја јадеме, нашата способност да се бориме со климатските промени и за општото здравје и благосостојба на планетата,“ вели Дејвис. „Земајќи го сето тоа предвид, нашите наоди се навистина причина за загриженост.“
(NewAtlas)