Нема докази дека 5G технологијата му штети на здравјето, ова е потврдено со нова научна студија која детално го анализираше влијанието на електромагнетните бранови што ги користат 5G мрежите, со цел „конечно да се заврши таа дебата“, наведуваат авторите.
За време на пандемијата на коронавирусот, 5G мрежата беше цел на теории на заговор кои, без никакви докази, ја поврзуваа со Ковид-19. Но, истражувачите од Универзитетот „Конструктор“ сега изложиле два вида клетки од човечка кожа - фибробласти и кератиноцити - на електромагнетните бранови над препорачаните безбедносни граници, во траење од два и 48 часа.
Резултатите покажуваат дека дозволените нивоа на изложеност на 5G брановите не ја оштетуваат човечката кожа ниту предизвикуваат генетски промени или промени на ниво на епигенетски обрасци. Студијата е објавена во списанието PNAS Nexus.
„Овие резултати придонесуваат да се разјаснат на неизвесностите со темелни докази“, порачуваат авторите.
Што тестирале и зошто?
Мобилните телефони и слични уреди пренесуваат податоци безжично, преку електромагнетни бранови во одредени фреквенциски опсези.
Поради зголемениот сообраќај, овие опсези стануваат преоптоварени, па затоа беше воведена 5G технологијата, која користи поширок спектар, вклучувајќи фреквенции помеѓу 24,3 и 43,3 GHz.
Додека брановите до 3 GHz продираат во кожата до длабочина од 10 mm, оние над 10 GHz, што ги вклучува 5G мрежата, продираат само 1 mm во површината на кожата.
И покрај ова, многумина беа загрижени за можните „невидливи последици“ од 5G технологијата, особено кога почнуваат да се користат повисоки фреквенции.
Проблемот, според истражувачите, е што претходните студии кои предизвикаа загриженост имале сериозни методолошки недостатоци, како што се отсуството на контрола на температурата, недостатокот на „слепо тестирање“ и нетранспарентна статистика.
Што покажа оваа студија?
Во новото истражување е користено слепо тестирање и контрола на температурата, што значи дека се елиминирани сите можни извори на грешка.
Клетките на кожата биле изложени на фреквенциите од 5G мрежата од 27 и 40,5 GHz, на различни нивоа на интензитет, вклучувајќи нивоа значително повисоки од препорачаните граници.
Резултатите се јасни: немало значајни промени во генската експресија или во епигенетските обрасци (метилација на ДНК).
Со други зборови, дури и под најнеповолни услови на изложеност, клетките на кожата не покажуваат знаци на оштетување.
А што е со загревањето на ткивата?
Авторите забележуваат дека многу силните радиофреквентни бранови, како оние што се користат во безжичните мрежи, можат да ги загреат ткивата. Но, овој ефект се јавува само кога нивоата на изложеност се далеку над безбедносните стандарди.
Во оваа студија, контролата на температурата го отстрани и тој ефект, што дополнително го доведува во прашање постоењето на каков било биолошки ефект кој не е поврзан со топлината.
Оваа студија се приклучува на се поголемиот број научни докази што потврдуваат дека 5G технологијата не претставува ризик по здравјето на луѓето. Ако треба да бидеме загрижени за нешто, тоа не е сигналот, туку зголеменото време поминато пред екраните.