Советот на ЕУ одобри мерки за справување со кардиоваскуларните заболувања

3.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Советот на ЕУ одобри мерки за справување со кардиоваскуларните заболувања

Советот на ЕУ денеска одобри пакет мерки насочени кон подобрување на кардиоваскуларното здравје во Унијата, фокусирани на превенција, рано откривање, третман и рехабилитација, со цел зајакнување на напорите во спречување на срцевите заболувања, кои се водечка причина за смртност во блокот.  

Според унгарскиот државен секретар за здравство Петер Такач, кардиоваскуларните заболувања имаат разорно влијание врз поединците и нивните семејства, иако во повеќето случаи тие можат да се спречат со надминување на основните фактори на ризик и преку поздрав избор на начин на живот.  

- Скринингот и подобриот пристап до третмани се суштински елементи за намалување на влијанието на кардиоваскуларните заболувања. Денешните мерки ја одразуваат нашата посветеност за подобрување на кардиоваскуларното здравје низ ЕУ, порача Такач, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. 

Во одобрените мерки се повикува на посветување на особено внимание на превентивните инструменти, како што се подобрување на здравствената писменост, подигање на свеста за кардиоваскуларното здравје и обесхрабрување на изборот на нездрав начин на живот, како што се употребата на тутун, прекумерното консумирање алкохол или нездравата исхрана. 

- Советот ги повикува земјите членки да обезбедат еднаков пристап до кардиоваскуларната здравствена заштита, да го вклучат скринингот во редовните здравствени контроли и да ја зајакнат обуката за здравствените работници. Советот ја повикува и Комисијата да преземе сеопфатна акција за да помогне во намалувањето на распространетоста на кардиоваскуларните заболувања во ЕУ, нагласувајќи ги не само унапредувањето и превенцијата на здравјето, туку и скринингот, раното откривање, третманот, рехабилитацијата и унапредување на истражувањето и иновациите, се наведува во соопштението на Европскиот совет. 

Кардиоваскуларните заболувања влијаат на срцето и крвниот систем и вклучуваат срцева слабост, мозочни удари, срцева аритмија, висок крвен притисок и кардиомиопатија. Тие се причина за околу една третина од сите смртни случаи во ЕУ и се клучни придонесувачи за морбидитетот и инвалидитетот.  

Овие заболувања, исто така, можат да имаат значително економско влијание, како врз здравствените системи, така и врз продуктивноста. 

Одобрените мерки се во рамки на заложбите на унгарското претседателство со ЕУ, кое завршува на крајот на годинава и меѓу чии приоритетите е и намалувањето на товарот предизвикан од незаразните болести, особено од кардиоваскуларните заболувања./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата