Симптоми за недостаток на витамин Б12 и совети како да го зголемите

16.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Симптоми за недостаток на витамин Б12 и совети како да го зголемите

Недостатокот на Б12 се развива бавно, но може да предизвика трајни последици доколку не се лечи. Предупредувачките знаци се умор, пецкање во рацете, црвен јазик и проблеми со помнењето.

Витаминот Б12 помага во одржување на функцијата на нервите, го поттикнува производството на здрави црвени крвни зрнца и е клучен во синтезата на ДНК.

Кога нивото на Б12 ќе падне ниско, симптомите се следни: умор, трнење, бледа или жолта кожа, вртоглавица, промени во расположението, црвен или отечен јазик.

Чувство на умор и слабост

При недостаток на витамин Б12, телото не може да произведе доволно црвени крвни зрнца за ефикасно пренесување на кислородот. Кога ткивата и органите не го добиваат потребниот кислород, може да чувствувате исцрпеност дури и при добар сон. Како резултат на тоа секојдневните задачи може да делуваат потешко од обично.

Бледа и жолта кожа

Без доволно витамин Б12, црвените крвни зрнца стануваат кревки и лесно се разградуваат ослободувајќи пигмент билирубин, кој може да и даде жолта нијанса на кожата.

Трнење на рацете и стапалата

Трнењето или пецкањето во рацете и стапалата често се смета за последица на долго седење и лоша циркулација, а всушност може да укажува на недостиг на витамин Б12.

Витаминот Б12 е неопходен во одржувањето на заштитната обвивка (миелин) што ги опкружува нервите. Поради неговиот недостаток нервните сигнали може погрешно да се одвиваат, предизвикувајќи пецкање, печење, трнење во екстремитетите.

Ако не се лечи, ова може да напредува до проблеми со рамнотежата, отежнато одење, па дури и трајно оштетување на нервите.

Вртоглавица и забрзано дишење

Кога крвта не носи доволно кислород до срцето и белите дробови, тогаш тие се преоптоваруваат за да го надоместат ниското ниво на кислород, па се случува забрзано дишење и покачен пулс.

Тоа доведува до вртоглавици и зашеметеност, особено при напор и брзо станување.

Промени во помнењето или расположението

Б12 помага во создавањето невротрансмитери кои влијаат на расположението и когницијата. Ниски нивоа на овој витамин влијаат на менталната острина и емоционалното здравје.

Кога мозочните клетки не ги добиваат потребните хранливи материи може да се чувствува заборавеност, замаглен ум, анксиозност, па дури и депресија.

Црвен и болен јазик

Недостатокот на витамин Б12, може да предизвика недостаток на папили –мали испакнатини на јазикот одговорни за осетот на вкус, ова доведува до болка, изменето чувство на вкус.

Како да го зголемите витаминот Б12

Препорачаната дневна доза за возрасни е 2,4 микрограми, поголема потреба имаат трудниците и доилките.

Потребите од витамин Б12 може да се задоволат преку внесување на немасно месо, риба, морски плодови, млечни производи и жолчка.

Како што старееме, нашите тела произведуваат помалку желудочна киселина, што го отежнува ослободувањето на витаминот Б12 од храната и врзувањето за интринзичниот фактор за да се зголеми неговата апсорпција. Поради оваа причина, недостатокот на витамин Б12 станува почест со возраста.

Може да се појави и кај луѓе кои имаат пернициозна анемија, автоимуна состојба во која телото ги напаѓа желудочните клетки одговорни за производство на интринзичен фактор. Во овие случаи, суплементацијата може да биде особено корисна.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата