Ова е приказната за Хоаким Гарсија (69) кој шест години не се појавил на работа без никој да го забележи – вклучувајќи го и неговиот шеф.
Случајот бил во центарот на вниманието на шпанските медиуми во 2016 година, но повторно е актуелен.
Гарсија работел како надзорник во станица за третман на вода во Кадиз, а потоа усвоил прилично неконвенционален пристап и едноставно престанал да доаѓа на работа.
Со години не се појавувал во канцеларија, а платата ја земал редовно, пренесува Унилад.
И тогаш имаше урнебесен пресврт, кога Гарсија беше номиниран за награда за напорна работа и долг стаж.
Замислете го изненадувањето на неговите шефови кога го поканиле на церемонијата и сфатиле дека шест години не стапнал во компанијата!?
Прво, да одговориме на најважното прашање - како никој не го забележа неговото отсуство?
Одговорот лежи во комбинација од лошо организиран бирократски надзор, сложеноста на структурата на неговото работно место и среќа.
Поконкретно, неговото отсуство било занемарено поради недоразбирање меѓу двата сектора, од кои секој претпоставувал дека другиот е одговорен за надзор на вработените и нивните должности.
Кога шефот Хорхе Фернандез се сетил дека долго време го немал видено Гарсија, бил тотално збунет.
„Се прашував дали е сè уште таму, дали е во пензија или можеби починал? Но, тој сè уште добиваше плата“, рече тој.
Гарсија призна дека не дошол на работа, но тврди дека е „жртва на малтретирање“ и дека се засолнил од канцеларијата за да избегне конфликти.
Тој призна дека студирал филозофија во слободното време и на тој начин го искористил непланираниот одмор.
Подоцна судот го казнил со 30.000 долари, максимална санкција што можела да му ја изрече. Гарсија оттогаш се пензионираше и покрена петиција против казната.
Овој случај ја подели јавноста. Некои се восхитуваа на неговата дрскост, додека други се забавуваа со апсурдноста на ситуацијата.