Психолог објаснува како да препознаете “burnout” (исцрпеност) кај децата: „Се гледа преку однесувањето“

9.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Психолог објаснува како да препознаете “burnout” (исцрпеност) кај децата: „Се гледа преку однесувањето“

Синдромот на исцрпеност, познат како “burnout“, најчесто се поврзува со возрасните кои се под голем притисок од работа. Но, и децата можат да страдаат од него. Долготрајниот стрес и претераните очекувања можат сериозно да влијаат на емоционалното и физичкото здравје, иако причините често кај децата се поразлични отколку кај возрасните. Според психологот д-р Патриша Брито проблемот е што децата честопати немаат зборови да опишат што им се случува, туку тоа го изразуваат преку однесувањето.

Истражувањата покажуваат дека исцрпеноста кај многу луѓе се јавува порано отколку што се сметаше претходно. Студија од 2025 година на агенцијата Talker Research покажа дека еден од четири Американци доживеал исцрпеност пред 30-годишна возраст, што го доведува во прашање вообичаеното верување дека најголемиот животен притисок доаѓа подоцна.

Исцрпеноста не ги заобиколува ни децата, а причините можат да бидат притисокот во училиште, грижата за оценките и испитите, додека кај други деца може да биде и стресот предизвикан од проблеми со пријателите, семејни тензии, влијанието на социјалните медиуми или пренатрпан распоред со премногу воннаставни активности.

Пет знаци што укажуваат дека детето е преоптоварено

Психологот истакнува пет знаци на кои родителите треба да обрнат внимание. Таа нагласува: „Еден лош ден сам по себе не е причина за загриженост. Меѓутоа, ако забележите неколку промени одеднаш или ако траат долго време, тоа е знак дека треба да реагирате.“

Зголемена раздразливост и емоционални реакции

Ако вообичаено мирно дете одеднаш стане раздразливо, плачливо или реагира бурно на ситници, ова може да биде знак дека нешто не е во ред.

„Кога се преоптоварени, на децата им е потешко да ги контролираат своите емоции и да се справат со секојдневните фрустрации. Може да ви се чини дека се тешки или претеруваат, но но всушност се исцрпени и не знаат како да се справат со сè што се очекува од нив“, објаснува Брито.

Губење на интерес за омилените активности

Важен знак може да биде и губењето интерес за активности во кои детето порано уживало, како што се спорт, дружење со пријателите или танцување. „Кога сме исцрпени, дури и работите во кои вообичаено уживаме можат да станат товар. Истото важи и за децата. Активноста во која порано уживале одеднаш станува само уште една обврска“, објаснува психологот.

Таа додава дека е нормално децата со тек на време на децата да им досади некое хоби, но ако детето генерално изгуби интерес за работите во кои порано уживало, тоа е знак на кој треба да се обрне внимание.

Постојани жалби дека е уморно

Исцрпеноста не влијае само на емоциите, туку влијае и на телото. „Вашето дете можеби спие доволно, но сепак се буди уморно, има проблеми со станувањето наутро или се жали дека е исцрпено во текот на денот“, вели Брито.

Хроничниот замор може да има многу можни причини и не треба веднаш да се поврзува со исцрпеност. Меѓутоа, ако се појави заедно со промени во расположението, однесувањето, проблеми со концентрација или мотивација, тоа е знак на кој треба да се обрне внимание.

Избегнување училиште и обврски

Не е невообичаено повремено да се избегнува училиштето или тренингот. Но, ако детето постојано одбива да оди на училиште или редовно се обидува да избегне друга одговорност, тоа може да биде знак за подлабок проблем.

Според Брито децата не секогаш имаат зборови или зрелост да кажат: „Преоптоварена сум и не можам да се справам со ова“. Наместо тоа, тие се обидуваат физички да се дистанцираат од она што им предизвикува стрес.“ Затоа, вели таа, „важно е да се пронајде причината, а не само да се фокусираме на однесувањето“.

Тешкотии со концентрација и спиење

Иако повремен стрес е нормален дел од животот, долготраен стрес може да влијае на концентрацијата, меморијата и контролата на емоции. „Она што може да изгледа како недостаток на напор или мотивација, всушност може да биде знак на ментална исцрпеност...“, „Одеднаш домашната задача може да трае многу подолго пред да се заврши, а детето може често да заборава, да биде расеано или да има тешкотија да се смири пред спиење“ – наведува психологот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата