Прв трејлер за новата серија „Диносауруси“ на Спилберг

10.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прв трејлер за новата серија „Диносауруси“ на Спилберг

Документарецот ќе пристигне на платформата следниот месец - на 6 март.

Раскажана од препознатливиот глас на „Оскаровецот“ Морган Фримен, приказната за овие праисториски суштества е пренесена преку најсовремени визуелни ефекти. Се работи за нов проект од продуцентската куќа на Спилберг, „Амблин ентертејнмент“ (Amblin Entertainment), и наградуваните автори на серијата „Живот на Земјата“. Новата документарна серија од четири епизоди ќе го следи еволутивниот пат на древните влекачи, од нивното потекло до нивното крајно истребување. Серијата го најавува оживувањето на праисторискиот свет на начин што не е виден досега, а гледачите веќе го изразија своето воодушевување од прикажаните први снимки, објави хрватски „Индекс“ (Index).

- Ова е приказна за диносаурусите каква што не сте виделе досега. Многу пред нашето време, тие владееле со изгубен свет. Проследете го издигнувањето и падот на најголемото царство на природата - од џиновите под кои земјата се тресеше, до грабливците на небото... Откријте ги тајните на диносаурусите, вели Фримен во трејлерот.

Обожавателите на документарни филмови за природата се воодушевени од новостите, според коментарите на интернет. Многумина од нив веднаш ја споредија серијата со филмовите за „Паркот Јура“ на на Спилберг. За два дена, трејлерот собра 3,7 милиони прегледи.

Серијата ќе прикаже широк спектар на видови - од гигантите со оклоп, како Стегосаурус и Анкилосаурус, и моќните грабливци како Алосаурус и Тираносаурус рекс, до пердувестите летачи како Анкиорнис и Лонгиптерикс.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата