Постојат безброј предвидувања за крајот на светот - едно од најраните е забележано пред речиси 4.800 години, кога еден писател од античка Асирија се пожалил на падот на моралните вредности кај помладата генерација, што, според него, го најавило колапсот на цивилизацијата. Оттогаш, апокалиптичните предупредувања се повторуваат редовно, најчесто без никаква научна основа, објавува „Мирор“.
Повеќето вакви пророштва доаѓаат од религиозни водачи и „пророци“ - од еврејскиот водач Симон бар Џора, кој верувал дека светот ќе исчезне околу 70 година од нашата ера, до современите проповедници кои го најавија крајот на светот минатата есен. Но, едно предупредување, дадено пред повеќе од шест децении, сè уште предизвикува вознемиреност денес бидејќи има одредена научна тежина.
Имено, во ноември 1960 година, престижното списание „Science“ ја објави работата на тројца истражувачи од Универзитетот во Илиноис - Хајнц фон Ферстер, Патриша М. Мур и Лоренс В. Амиот - кои предупредија на можен глобален колапс во петок, 13 ноември 2026 година. Нивната визија за крајот на светот не вклучуваше нуклеарна војна, удари од астероиди или супервулкани, туку проблем што е многу потешко да се избегне: пренаселеноста.
Научниците ги анализираа демографските трендови во западниот свет и заклучија дека медицинскиот напредок драматично го забрзува растот на светската популација. Според нивните пресметки, бројот на луѓе на планетата требало да „се стреми кон бесконечност“ точно околу 2026 година, што би резултирало со глобален недостиг на храна и ресурси.
Во 1960 година, на Земјата живееле околу три милијарди луѓе. Денес, на почетокот на 2026 година, тој број надминува осум милијарди - а знаците за сериозно забавување на растот сè уште не се видливи. Проценките на демографите сугерираат дека глобалната популација можеби нема да почне да се намалува до околу 2080 година.
Оваа идеја не е нова. Британскиот економист Томас Малтус предупредил во 1798 година дека човештвото неизбежно ќе остане без храна бидејќи населението расте експоненцијално, додека производството на храна расте многу побавно. Иако досега се покажа дека технолошкиот и земјоделскиот напредок можат да го следат растот на населението, стравувањата од „малтузијанска криза“ сè уште тлеат.
Интересно е што некои од најбогатите луѓе во светот се однесуваат како такво сценарио да не е невозможно. Марк Закерберг наводно потрошил речиси 190 милиони долари на огромен имот на Хаваи, каде што гради луксузен комплекс со подземен бункер, сопствено напојување и залихи од храна. Џеф Безос купил недвижен имот на исклучително безбедна локација во Флорида, додека Лари Елисон практично го презел целиот хавајски остров Ланаи.
Иако звучи како заплет од научнофантастичен филм, овие инвестиции го поставуваат прашањето: дали некои се подготвуваат за сценарио во кое храната, просторот и безбедноста ќе станат највредни валути? Дали 2026 година навистина ќе биде пресвртница или само уште еден датум во долгата историја на неостварени апокалиптични предвидувања, останува да се види.

