Поврзаност меѓу здравата исхрана и срцевите болести кај жени со рак на дојка

23.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поврзаност меѓу здравата исхрана и срцевите болести кај жени со рак на дојка

Жените кои во времето на откривањето и дијагностицирањето рак на дојка, практикувале почесто јадење зеленчук, овошје, протеини и нискомасни млечни производи - се изложени на 47 отсто помала опасност од срцеви заболувања, отколку оние во чија исхрана преовладувале масти, црвено месо и производи од месо.

Истражувањето спроведено од научници од Истражувачкиот центар „Кајзер Перманенте“ во Калифорнија (САД), е објавено во списанието „ЈНЦИ Канцер спектрум“ (JNCI Cancer Spectrum). Наодите од испитувањата се важни и бидејќи се покажало оти жените кои се лекувале од рак на дојка се изложени на значително поголем ризик од кардиоваскуларни болести од оние кои немаат ваков вид рак.

Зголемувањето на можноста од срцеви заболувања е предизвикано од самиот третман на рак на дојка, којшто е кардиотоксичен, а за нив дополнително придонесува и неправилната исхрана, недоволната физичка активност, стареењето и пушењето цигари.

Истражувањето се заснова, вели еден од водечките автори д-р Исак Иргас, на проучување на повеќе од 3.400 случаи на агресивен рак на дојка.

Најуспешни резултати, поврзани со заштитата од срцеви заболувања, се забележани во случаите кога болните жени се лекувале со антибиотикот „Антрациклин“ што ги труе и убива канцерогените клетки. Според податоците на Светската здравствена организација, во 2022 година во светот се регистрирани 3,2 милиони случаи на рак на дојка и 670.000 смртни случаи од оваа болест. Во однос на бројот на заболени, како и по бројот на смртни случаи, ова е еден од најчестите карциноми кај жените во развиените земји во светот.

Научниците тврдат дека опасноста од овој вид рак се зголемува со возраста. Во таа смисла, жените до 40 години имаат 1,5 отсто можност да заболат од овој рак, на 50 - три насто, а на возраст од 70 години и повеќе, ризикот е поголем од четири отсто. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата