Наддавањето ќе се спроведе во аукциската куќа „Гардинер хаулгејт“ (Gardiner Houlgate) во Коршам, Англија, на 9 септември годинава. Електричната гитара „Греч чет Аткинс 6120“ е наградата на натпреварот што го организираше списанието „Њу мјузикл експрес“ (New Musical Express) во 1972. На насловницата тогаш се најде токму Пејџ во бела облека за крикет, држејќи ја гитарата како палка. Во интервјуто за списанието, тој рече дека го купил музичкиот инструмент во Нешвил, САД, во 1957 година, за 200 фунти.
Се очекува гитарата да достигне цена меѓу 30.000 и 50.000 фунти (околу 34.660 - 57.770 евра).
На натпреварот во ’72. победник бил Чарлс Рид од северен Лондон. Добитникот тогаш за медиумите изјавил: „Пејџ сигурно е ’ментално болен’ штом подарува толку одлична гитара како оваа Ова е вид инструмент за којшто секој гитарист сонува да го поседува, но никогаш не може да си го дозволи.“
- Не е претерување да се каже дека Џими Пејџ е легендарен гитарист и рок-ѕвезда. Многу малку од неговите гитари излегуваат на аукција, а кога ќе се појават, привлекуваат огромен интерес од колекционери, вложувачи и обожаватели на „Лед зепелин“, изјави аукционерот Лук Хобс. - Она што е толку прекрасно кај оваа гитара е тоа што ги имаме копии од „Њу мјузикл експрес“ на коишто се гледаат мигови од натпреварот, па дури и фотографија од Пејџ како му ја дава гитарата на победникот, Чарлс Рид, додаде тој.
Рид ја чувал гитарата до 1990 година, кога му ја продал на Фил О'Донохју за 2.000 фунти. О'Донохју - гитарист на рок-групата „Вајлд ејнџелс“, го чувал инструментот до својата смрт оваа година. Гитарата сега ја продава семејството на О'Донохју.
Пејџ е основач на британскиот рок-состав „Лед зепелин“, основан 1968 година. Поради нивната популарност, списанието „Ролинг стоун“ (Rolling Stone) ги нарече „најголемиот бенд од 70-тите“. Групата се распаднаво 1980., по смртта на тапанарот Џон Бонам.