Банките во Кина повеќе нема да смеат да користат вирални подароци како што се „Labubu“ кукли, апарати за домаќинство или подарочни картички за привлекување нови корисници. Оваа пракса, иако ефикасна на социјалните мрежи, според регулаторите – ја загрозува финансиската стабилност и долгорочно ги зголемува оперативните трошоци на банките.
Како започна сѐ?
Промоцијата на банката „Ping An“ неодамна привлече огромно внимание на кинеските социјални мрежи кога понудија Labubu кукла на секој што ќе вложи 50.000 јуани (околу 6.400 евра) на штедна сметка со рок од три месеци. Овие кукли, дело на уметникот Касинг Лунг, стекнаа култен статус благодарение на светски ѕвезди како Лиса од „Blackpink“ и Ријана, кои ги промовираа на своите канали.
Фотографии од штандови пред банките, редици луѓе и кукли во рацете на клиентите брзо го преплавија „Weibo“ и „Douyin“ (кинески TikTok). Но, веднаш следуваше реакција од властите.
„Ова не е одржлива стратегија“
Кинеските регулатори соопштија дека ваквите маркетинг трикови не се долгорочно решение за предизвиците со кои се соочува банкарскиот сектор – пред сѐ поради падот на каматите и намалувањето на профитот. Наместо да се потпираат на подароци, банките се повикани да инвестираат во квалитет на услугите, дигитализација и градење лојалност на клиентите преку реална вредност – а не преку плишани мамки.
– Промоции како „слепи кутии“, апарати за кујна или „Labubu“ кукли може да создадат лажна слика за вредноста на штедењето и да ги насочат банките кон повисоки оперативни трошоци. Ова е време за стратешки пресврт – стои во соопштението на регулаторното тело.
Култниот статус на „Labubu“ куклата
Labubu е измислен лик на тајванскиот уметник Касинг Лунг, чиј бренд „The Monsters“ произведува играчки. Иако првично беа уметнички фигури за колекционери, тие станаа масовен тренд и сѐ почесто се користат како алатка за брендирање – од луксузната мода, па сега и во банкарството.
Забраната на ваквите промоции испраќа јасна порака: кинескиот финансиски сектор мора да се прилагоди на новата реалност, каде што лојалноста на клиентите не може да се купи со подарок, туку мора да се заслужи со квалитетна услуга, пренесува Биз Портал.