Мртво Море - древен бисер на природата што тивко исчезнува

21.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мртво Море - древен бисер на природата што тивко исчезнува

 Само тишина и сол. Вака на прв поглед изгледа Мртво Море, најниската точка на Земјата.

Овој природен феномен што им пркоси на физичките и биолошките закони, познат уште и како „античка бања“ или „најголемиот бесплатен спа центар“ во светот, со векови привлекува посетители поради своите единствени карактеристики и лековити својства. Псоријаза, егзема, артритис, болки во мускулите, се само некои од заболувањата или состојбите врз кои се смета дека Мртвото Море делува благотворно. Не само неговата вода, туку и калта (богата со минерали) има исклучително влијание врз кожата и здравјето.  

Но, овој единствен еко-систем, „сместен“ меѓу Израел, Палестина и Јордан, се соочува со алармантни проблеми што го загрозуваат неговиот опстанок. Нивото на водата годишно опаѓа за околу еден метар, оставајќи зад себе исушен пејзаж и илјадници дупки (кратери) предизвикани од растворањето на солта под земја. Се смета дека од 1960 година до денес површината на езерото е намалена за една третина и дека се отворени над 6 000 кратери кои ги претвораат деловите од брегот во опасна зона, слична на површината на Месечината.

Пустината Негев вибрира над воденото огледало - како да предупредува дека под мирната површина лежи вознемирувачка приказна. 

Процесот на тивко умирање продолжува, а екологистите стануваат се погласни.

Солено чудо на природата 

Мртвото Море не е обично езеро, туку претставува затворен басен на 430 метри под морското ниво. Неговата концентрација на сол од околу 36 отсто е речиси десет пати повисока од просечната на океаните или 12 пати повисока, на пример, од онаа на Медитеранско Море. Тоа е резултат на интензивното испарување и на намалениот прилив на свежа вода поради пренасочувањето на реката Јордан. 

Длабочината на морето варира. Се смета дека изнесува околу 200 метри, а во средината и до 300 метри. 

Високата концентрација на сол и минерали (магнезиум, калциум, калиум) е причината зошто пливањето во Мртво Море е уникатно искуство. Телото не тоне - едноставно плови на површината. Буквално можете да лежите без никаква опасност да потонете. Како што велат посетителите, тука не влегувате во вода за да пливате, тука за да „седите“.

Ако имате можност да го посетите Мртво Море и да се „избањате“, ќе почувствувате како водата ви се лизга по кожата. Се добива впечаток дека е мрсна, па дури и свиленкаста кога ќе ја протриете низ прсти токму поради минералите. Доколку, пак, сте доволно егзибиционист и одлучите да ја вкусите, можете да се уверите колку е солена.

Се препорачува постепено да се оди кон подлабокото, а уште повеќе да се внимава кога ќе решите да се „испружите“. Особено не смеете да дозволите водата да ви влезе во очи. 

Човек легнува на грб, ги раширува рацете и нозете, а лебдењето станува речиси медитација. Како да сте во некој бестежински мир среде сурова пустина. Вакво е отприлика искуството.

По подолго задржување во вода, се нешто ќе почне да ве пецка, а ако евентуално имате некоја гребнатинка или раничка подобро воопшто да не цапнете. 

Освен капењето, посебна атракција е минералната кал со која може да се изнамачкате, а ја има на самиот брег. Калта, како и водата, се користи за терапевтски третмани, особено за кожни заболувања и ревматски проблеми, што го прави Мртвото Море глобален центар за здравствен туризам. 

За „медицинските својства“ знаеле уште од античко време. Постојат записи дека дури 37 години пред нашата ера, од Ирод Велики, се изградени првите објекти за третмани. И Клеопатра била фасцинирана од лековитите својства на калта и солта од Мртвото Море. Се вели дека ги изградила првите „фабрики“ за козметика на неговите брегови за да ја одржи својата убавина. Древните Египќани, пак, ги користеле минералите за балсамирање.

Калиа 

Една од најстарите и најпознатите плажи на Мртво Море е Калиа - идеално место за оние што ги избегнуваат гужвите типични за големите хотелски комплекси на југот.

Калиа е дел од истоимениот кибуц, а до неа се стигнува за само 25 - 30 минути возење од Ерусалим. Тоа ја прави најпристапна точка за еднодневни екскурзии. Иако географски е лоцирана на Западниот Брег, оваа плажа која работи од 8 - 17 часот, е популарна дестинација и за локалните жители и за странските туристи.  

Влезница чини околу 20 шекели што е околу пет евра. За лежалка и чадор треба да платите по две евра (вкупно четири евра), а шатл (што ве транспортира од влезот до морето) е 2,5 евра. Дневен паркинг изнесува околу 13 евра.

Плажата нуди и пакет услуги кои чинат околу 12 евра за возрасни и 9,5 евра за деца од три до 12 години.

Кога ќе влезете, од левата страна ќе забележите дуќанчиња со сувенири кои продаваат кал, како и на најразлични козметички производи. Од десната страна се кабините (соблекувалните) во кои посетителите можат да се подготват за на плажа.

Продолжувате. Ги следите знаците. Пред да скршнете по патот кој води директно до плажата, ве пречекува „најнискиот бар во светот“ - така е наречен зашто е на околу 420 метри под нивото на морето. Ова е совршено место за да испиете некое кафе или ладен пијалок со поглед на морето и јорданските планини од спротивната страна.

На Калиа има и спасувачи кои интервенираат во случај некој од посетителите да добие поголеми иритации од водата, посебно на очите. Поставени се и тушеви, па по капењето, можете да се измиете со „чиста, блага“ вода.

Постои и опција да се изнајмат шатори - „за ноќ под ѕвездите“.

Интересно е тоа што „предворјето“ на Калиа е вид галерија на отворено. Пред да пристигнете, додека возите и полека се приближувате, ќе забележите напуштени згради кои уметниците ги насликале со мурали за да привлечат внимание и да укажат на еколошкото „пропаѓање“ на Мртвото Море.

Културно, историско и библиско значење на Мртво Море

Мртво Море не е само природен феномен, туку и место со богата историја, важен религиски симбол во јудаизмот, христијанството и исламската традиција. Според Библијата, тука се одиграле многу важни настани како Исусовиот егзодус од Египет и преминувањето на реката Јордан, но и уништувањето на Содомa и Гомора.

Регионот околу Мртвото Море е опишан во разни митологии и легенди како место на казна, страдање или трансформација. Илјадници години морето и реката Јордан инспирирале пророци, филозофи, крстоносци и кралеви, уметници, поети и писатели. Тука жената на Лот се претворила во столб од сол, тука Израелците влегле во ветената земја и тука бил крстен Исус Христос. 

На само 1,5 километар од Мртво Море се наоѓа античката населба Кумран каде се случило можеби најзначајното археолошко откритие на 20 век. Меѓу 1947 и 1956 година, во пештерите на Кумран, биле пронајдени познатите свитоци, стари повеќе од 2 000 години, кои даваат увид во религиозните верувања и секојдневниот живот на луѓето од тоа време.

Свитоците од Мртвото Море се всушност огромна колекција од околу 981 ракопис. Повеќето се напишани на пергамент (печатена животинска кожа), некои на папирус, а една копија е на бакар. Повеќето се на хебрејски, помал дел на арамејски (јазикот што го зборувал Исус), а многу малку на грчки. Датираат од 3 век п.н.е. до 1 век од н.е. (околу 68 година од н.е.). Записите се грубо поделени на три групи: библиски текстови (фрагменти од речиси сите книги од Стариот завет - хебрејска Библија, освен Книгата Естир. Најпознат е Големиот свиток на Исаија, кој е речиси целосно зачуван), апокрифни текстови (записи што не влегле во конечниот канон на Библијата, како што се Книгата Енох или Книгата Јубилејни празници, како и секташки списи (специфични правила и верувања на заедницата што живеела во Кумран, веројатно Есените. Тие вклучуваат „Владеење на заедницата“, „Воен свиток“ и толкувања на пророштва).

Бакарниот свиток, за разлика од другите кои се религиозни текстови, е всушност мапа на богатство. На него се наведени 64 локации низ Израел каде што наводно биле скриени огромни количини злато и сребро. Богатството никогаш не е пронајдено.

Најголемите и најважните свитоци денес се наоѓаат во Музејот на Израел во Ерусалим. Но, преку интернет може да се пристапи и до дигитализирани верзии на главните свитоци.

Алармантно повлекување или тивко умирање и исчезнување 

-Всушност, нема ништо мртво тука, ова е море на животот. Кога ќе се искапете во него, ќе излезете пет години помлади.

Вака екологистот и активист Одед Рахав ја почнува приказната за „Чуварите на Мртвото Море“ - Dead Sea Guardians. Пред македонската делегација која имаше можност да ја посети плажата Калиа, но и да поразговара со него, тој укажа на еколошките предизвици со кои се соочува морето.

-Ова е најздравото место на Планетата. Концентрацијата на кислород е највисока, има 30 видови минерали во водата, воздухот и калта, како и висока концентрација на бром што многу помага за намалување на анксиозноста. Се е тивко, мирно, ниска е и сончевата радијација. Одлично е за уживање и релаксација. Тука доаѓаат туристи од секаде, Русија, Кина, Германија,..., престојуваат по две-три недели. Но, Мртвото Море е веќе во опасност, исправено е пред голем еколошки предизвик. Недоволно вода се влева во него, а премногу се одлева, вели Рахав.

Неговата мисија е да го спаси Мртвото Море од исчезнување. Без драстична интервенција, нагласува активистот, Мртвото Море наскоро ќе престане да постои.

Според него, мора да се смени перцепцијата и размислувањето на луѓето, но и законската регулатива.  

Како што ни раскажа Рахав, неколку фактори го поттикнуваат сушењето на Мртвото Море. Еден од нив е секако пренасочувањето на реката Јордан која порано била главен извор на свежа вода. Од 60-тите години на минатиот век, Израел, Јордан и Сирија пренасочиле преку 90 отсто од речниот тек за земјоделство, индустрија и вода за пиење во домаќинствата. Наместо 1,3 милијарди кубни метри вода колку што некогаш годишно се влевале, денес Мртво Море прима само околу 100 милиони кубни метри или 8 до 10 отсто вода. 

Друг фактор е индустриската експлоатација на минерали. Јужниот дел на Мртво Море има големи базени што ги користат компаниите за екстракција на калиум, магнезиум и сол. Овој процес вештачки го забрзува испарувањето на водата, дополнително намалувајќи го нивото на морето. Се проценува дека индустријата е одговорна за речиси 30 - 40 отсто од вкупното намалување на нивото на водата.

Големо влијание имаат и климатските промени. Регионот на Мртво Море се карактеризира со екстремно високи температури и многу ниска влажност. Поради глобалното затоплување, температурите во оваа област се зголемуваат, поради што расте и стапката на природно испарување, а врнежите се минимални и недоволни за да го компензираат губитокот на вода.

Мртвото Море годишно го посетуваат над 800 000 луѓе. Неговиот регион е еден од најбиодиверзитетните на Блискиот Исток со растителни и животински видови кои ги нема на ниту едно друго место на Земјата. Областа функционира и како попатна рута на над 500 милиони птици преселници во текот на годината.

Кога си заминавме од Калиа, го оставивме и натаму мирно да зборува со својата „мртва“ тишина која е погласна од повеќето живи мориња.

Мртвото Море сe уште дише, но неговиот здив станува сe пократок. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата