Мемоарите на современата француска хероина Жизел Пелико најпродаваната книга во Франција

27.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мемоарите на современата француска хероина Жизел Пелико најпродаваната книга во Франција

Автобиографското дело беше издадено на 17 февруари и за само една седмица се продаде во над 60.000 примероци, објавија тамошните медиуми.

Книгата, објавена од издавачката куќа „Фламарион“, се најде на првото место на листите за најпродавани книги во земјата. Делото е напишано од Пелико и новинарката Жудит Перињон. Нејзиниот почетен тираж беше 150.000 примероци, од коишто 63.574 се продадени во првата седмица. Автобиографијата беше истовремено објавена на 22 јазици, меѓу другите и на англиски, германски и шпански јазик. Солидна е и продажбата во Велика Британија, Германија и Норвешка, соопштија издавачите.

Во својата автобиографија, Пелико, која се движи кон средината на осмото десетлетие од животот, раскажува за годините исполнети со силувања што ги изведувал и дозволувал сега веќе осудениот нејзин поранешен сопруг Доминик. Таа, имено, многукратно била дрогирана од него и потоа силувана од десетици мажи.

Откако случајот излезе во јавноста, во Авињон се одржа историско судење против Доминик Пелико и 50 други мажи обвинети за силување на Жизел. Во 2024 година, Доминик доби максимални 20 години казна затвор, а другите осудени - меѓу 3 и 15 години затвор.

Сѐ тоа ја претвори Жизел во симбол на борбата против семејното насилство и сексуалното насилство во Франција и ширум светот.

Жизел Пелико прво ја претстави својата книга во Париз, а потоа отиде на турнеја во странство. Во понеделник, таа беше примена во Лондон од британската сопруга-кралица Камила, која истакна дека е шокирана од она што го доживеала Французинката. Како дел од нејзината турнеја, Пелико ќе ги посети и Германија, Шпанија, Италија, Канада и Њујорк, САД. Во Франција, писателката ќе ја претстави својата книга во неколку градови.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата