Кралот Чарлс: Нема да се противам доколку Австралија стане Република

12.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кралот Чарлс: Нема да се противам доколку Австралија стане Република

Британскиот крал Чарлс Трети изјави дека нема да се спротивстави на Австралија да стане Република, велејќи дека зазема „антиконфронтациски пристап“ пред посетата на Австралија каде што ќе разговара со австралиските активисти кои се залагаат Австралија да стане Република.

Претставниците на Австралиското републиканско движење (АРМ) треба да се сретнат со кралот Чарлс подоцна овој месец на нивно барање, објави Дејли Меил.

Помошникот секретар на британскиот крал Нејтан Рос им рече на австралиските антимонархисти дека кралот Чарлс, како уставен монарх, ќе постапи по совет на неговите министри и дека, соодветно, одлуката дали Австралија ќе стане Република ќе ја донесе австралиската јавност.

Портпаролот на Бакингемската палата рече дека кралот Чарлс, како и неговата мајка, кралицата Елизабета Втора пред него, чувствува дека тоа е прашање на австралискиот народ.

АРМ наведува дека во име на австралискиот народ се залагаат Австралија да биде Република со Австралиец како шеф на држава.

Во 1999 година во Австралија се одржа референдум за тоа дали земјата треба да стане Република, на кој 54,9 отсто од граѓаните се изјаснија против. Австралискиот премиер Ентони Албанес претходно изјави дека „Австралија треба да има Австралиец за шеф на држава“, но неодамна изјави дека одржувањето на нов референдум не е приоритет.

Посетата на кралот Чарлс на Австралија ќе биде неговата најзначајна турнеја во странство откако му беше дијагностициран рак и прва посета на Австралија откако дојде на тронот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата