Тоа вклучува различни градежни работи кои ја подобруваат функционалноста на објектот и го зголемуваат квалитетот на животот. Без разлика дали сте решиле да го реновирате целиот стан или само одредена просторија, ве чека многу работа, врева и прашина. Она што е најважно во целата работа е осмислена координација на фазите на работите, за работите да се завршуваат континуирано, една по друга, но и успешно планирана и спроведена проценка на трошоците, без последователни изненадувања. За да успеете во ова, резимиравме, во кратки црти, сè што треба да знаете.
Реновирање или адаптација на станот е преуредување на просторот за живеење односно негово прилагодување кон новите потреби. Најчесто е поттикнато од дотраеноста на станот и неговите елементи и големи неисправности во инсталациите или од желбата за промена на распоредот и естетиката на просторот.
Пред да започнете со реновирање на вашиот стан, важно е да прецизирате неколку работи. Првата е што сакате да постигнете со реновирањето, односно кои барања треба да се исполнат? Кои се вашите и потребите на другите членови на домаќинството? Напишете ги вашите желби на хартија и најдете компромис.
Проект за реновирање на стан
Пред се, потребен ви е план, односно, проект за реновирање на станот, кој мора да биде детален и сеопфатен. Во повеќето случаи, луѓето ја препуштаат изработката на планот на архитектите, особено ако има просторни ограничувања или кога е неопходно визуелно да се зголемат тесните простори. Распоредот на собите, различните инсталации, пропорциите и димензиите на просторот мора да бидат правилно испланирани, особено ако се одлучите за големи парчиња мебел.
Замена на водоводни и електрични инсталации
Доколку поминало повеќе од една деценија од претходното реновирање на станот, извесно е дека ќе треба да се заменат водоводните и електричните инсталации. Водоинсталатери треба да ги демонтираат старите и да инсталираат нови водоводни цевки, санитарни јазли, како што се туш кабини или кади, тоалети или мијалници, ако станува збор за бањи. Замената на водоводните инсталации е професионална задача бидејќи дополнителни поправки би биле исклучително скапи и веројатно би вклучиле кршење плочки. На пример, за нови водоводни инсталации, односно, за ремонт на водоводот и одводот заедно со материјалот за помала бања, ќе треба да издвоите околу 500 евра.
Исто така, правилното поврзување на електричните уреди во вашиот стан и соодветното распоредување на приклучоците што одговара на секојдневното функционирање, се меѓу најважните работи при реновирањето. Електричарите ќе ја заменат електро инсталацијата, ќе постават нови прекинувачи и приклучници по потреба.
Замена на системот за греење
Овој чекор е опционален. По желба може да се сменат грејни инсталации и цевки, да се вгради нова клима инвертер, да се заменат комплет или само да се фарбаат радијаторите итн. Овој чекор се прави исклучиво надвор од грејната сезона.
Замена или поправка на подови
Доколку сте решиле целосно да го отстраните стариот паркет или некоја друга подна покривка, веројатно цементната кошулица нема да биде во толку добра состојба, па потребно е прво да се израмни подот со поставување на израмнителен слој.
Паркет е најпопуларна подна покривка бидејќи се одликува со квалитет, издржливост и, пред сè, можност за поправка (брусење, лакирање, мачкање со масло или восок). Колку пати може да се бруси паркетот зависи од неговата дебелина.
Ламинат е композитен тип на под кој во главно се состои 80-90% од дрво. Најчесто се поставува како пловечки под, односно без прицврстување на подлогата. Поточно, има клик систем за спојување на даските. Ламинат има попристапна цена од паркетот, а има и поголема стабилност на димензиите, што го прави подобар за подно греење. Сепак, ламинатот има пократок работен век и не може да се поправа како паркетот.
Чест избор се и винилни подови, кои исто така се композитни и најчесто се состојат од пет слоја. За влажни простории, а се повеќе и за дневната соба, традиционално се користат плочки кои претставуваат идеална комбинација со подно греење.
Замена на столарија
Замена на столаријата се врши кога истата ја губи функционалноста и естетиката. Јасни показатели дека столаријата треба да се замени се: кондензација, т.е. замаглени стаклени површини, појава на мувла на спојките на дрвото и ѕидот, постоење на топлински мостови, односно продирање на ладен воздух во текот на зимата, кога не може да се отвори/затвори.
Столаријата традиционално се прави од дрво, а сè попопуларна е ПВЦ столаријата поради пристапната цена и добрата енергетска ефикасност, алуминиумската столарија поради цврстината и комбинацијата на дрво и алуминиум.
Боење на ѕидовите
Со бојадисување ќе ги „освежите“ ѕидовите, ќе ги отстраните трагите на користење на просторот и ќе ја заштитите површината. Внимателно изберете ја бојата за белење за да одговара на остатокот од внатрешноста, намената на собата и вашиот личен сензибилитет. Пред белење се врши глетување за да се покријат сите нерамнини и несовршености на ѕидните површини.
И за крај, на ред доаѓа купување и внесување на мебел.
Цената за реновирање на стан по метар квадратен - уривање на прегради или поставување на нови ѕидови, замена на електрични инсталации, поставување нов систем за греење како и сува монтажа, поставување паркет и керамика и малтерисување може да чини помеѓу 250 и 500 евра.