Климатските промени се веќе тука: Јадранот се зголемува за 30 сантиметри – а тоа не е најлошото

5.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Климатските промени се веќе тука: Јадранот се зголемува за 30 сантиметри – а тоа не е најлошото

Добрата вест е дека сè помалку луѓе ги негираат климатските промени. Но, лошата вест е дека решенијата се сè подалеку и сè потешки.

„Иако со децении предупредувавме дека треба да се подготвиме за последиците од глобалното затоплување, денес е јасно дека веќе сме ги пропуштиле некои клучни шанси. Промените се реални, се случуваат и – се неповратни. Доволен е само еден пример: до 2050 година се очекува пораст на нивото на Јадранското Море за 20 до 30 сантиметри. Покрај тоа, крајбрежните поплави ќе станат триесет пати почести,“ пишува словенечкиот портал 24ur.

Ако порастот на морското ниво беше единствениот проблем, сè уште ќе можевме да реагираме, на пример, со подигнување на заштитни бариери. Но реалноста е многу посложена. Климатските промени доаѓаат во пакет со низа дополнителни предизвици – од топлотни бранови и сè посилни бури, до долготрајни суши и миграции предизвикани од климатските услови.

Како што предупредуваат од словенечката Агенција за животна средина (ARSO), екстремните временски услови кои сè почесто ја погодуваат и Словенија ги потврдуваат предвидувањата на научниците што со години звучеа како предупредувања на кои премалку се обрнуваше внимание. И додека кај политичарите зрее сознанието дека итното дејствување е неопходно, многумина сè уште се надеваат на чудесни технолошки решенија. Веруваат дека ќе можеме да продолжиме да живееме како досега, но со поодржливи извори на енергија. Сепак, технологијата не е магично стапче, нејзините резултати не доаѓаат преку ноќ, а поголемиот дел од светот едноставно не може да си ги дозволи.

Она за што речиси воопшто не се зборува е потребата од промена на економскиот систем. Сегашниот модел на раст нè доведе директно до проблемите со кои се соочуваме денес. Како што истакнуваат словенечките експерти:

„Ако пад на БДП од половина процент сè уште е причина за паника, тешко е да се очекува дека државите сериозно ќе пристапат кон неопходните промени. Идните генерации ќе мора да почнат да размислуваат сосема поинаку,“ велат експертите од ARSO.

Тие истакнуваат дека родителите, но и пошироката општествена заедница, ќе мора да го редефинираат значењето на квалитетен живот. Наместо стремеж за поседување сè повеќе, ќе мора да се стремиме кон живот во поздрава, побезбедна и поодржлива средина.

„Но се поставува клучното прашање – дали, како општество, воопшто имаме доволно време за постепена прилагодба? Климатските промени се глобален проблем што бара глобален одговор. А денес, иронично заклучуваат словенечките научници, полесно е да се поверува во Дедо Мраз отколку дека светските лидери навистина ќе постигнат договор со кој барем делумно би се откажале од сопствената моќ и богатство – во корист на заедничката иднина“, пишува порталот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата