Познатиот автор на книгата „Богат татко, сиромашен татко“, Роберт Киосаки, предупреди дека светот влегува во нова ера на несигурност, каде што вештачката интелигенција ќе ги замени дури и најпаметните работници, особено оние кои се потпираат исклучиво на формалното образование.
– Вештачката интелигенција ќе отпушти многу паметни студенти. Освен тоа, многумина од нив сè уште имаат студентски долгови. Тоа е темпирана бомба – напиша Киосаки на социјалните мрежи, упатувајќи апел до луѓето да се разбудат и да не станат жртви на моментот во кој живееме.
Како и многу пати досега, потсети на својата животна филозофија – дека е важно да се размислува поинаку и да се инвестира во знаење кое не се учи во училиштата.
– Го игнорирав советот на мојот „сиромашен татко“ да одам на училиште, да завршам факултет и да најдам стабилна работа. Наместо тоа, го послушав мојот „богат татко“ – станав претприемач, вложував во недвижности, го користев долгот како алатка и штедев не лажни, туку вистински пари – злато, сребро и денес Биткоин – напиша Киосаки.
Инвестирајте во себе додека сè уште имате време
За сите кои се чувствуваат несигурно пред брзите промени кои ги носи технологијата, Киосаки има едноставен и директен совет:
– Инвестирајте во себе, размислувајте со своја глава. Ова не се обични времиња – пренесува Блиц Бизнис.
Со години наназад, Киосаки истакнува дека развивањето на финансиска интелигенција е клучно за лична слобода и независност. Според него, сè помалку можеме да се потпираме на традиционалните системи – образовен, пензиски или банкарски – и токму затоа е клучно луѓето да научат како да управуваат со сопствените пари, имот и иднина.