Селото минатата година го посетиле 2,6 милиони луѓе, што е огромен број за место со само 100 жители. Директорката на Музејот на Зансе Сханс, Марика Вервеј објасни зошто властите сакаат да воведат влезници. Таа, имено, раскажа како посетителите честопати и не знаат дека луѓе живеат тука, па влегуваат во нивните градини и куќи, се опуштаат во нивните градини, тропаат на вратите, фотографираат и користат стапчиња за да ѕирнат во куќите... Затоа, оваа општинска одлука за селото познато по своите ветерници - не е изненадување.
- Во 2017 година имавме 1,7 милиони посетители. Оваа година се движиме кон 2,8 милиони. Но, ова е мало место. Ние, едноставно, немаме место за сите овие луѓе, изјави Вервеј.
Мнозинството од Советот на Општината го поддржа планот предложен од Колегиумот на градоначалници и советници, според којшто, приходите од влезниците ќе се користат за долгорочно одржување и управување со ова познато место со историско наследство. Сепак, одлуката предизвика и спротивставувања кај мештаните, политички набои, како и отворено несогласување од претприемачите кои работат таму.
Советот претходно го отфрли барањето за референдум за воведување на влезниците.

