Карпатите, Гран Парадизо и Монте Роса – нови предизвици за гевгелискиот планинарски клуб „Кожуф“

18.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Карпатите, Гран Парадизо и Монте Роса – нови предизвици за гевгелискиот планинарски клуб „Кожуф“

 Клубот зад себе има искачувања на највисоките домашни врвови, како Голем Кораб, Титов Врв, Солунска Глава и Пелистер, но и бројни меѓународни подвизи, меѓу кои се издвојуваат искачувањата на врвови во Словенија, Црна Гора, Бугарија и Грција.

Клубот во моментот брои околу 140 членови, сто од нив се над 18 години, а како што велат, нивните врати се отворени за луѓе од сите возрасти – од деца на петгодишна возраст до повозрасни љубители на планината. Освен гевгеличани, членуваат и планинари од поширокиот регион, како Дојран, Валандово, Струмица, Неготино, Штип, Скопје, па дури и двајца од Бугарија.

- Најчестите причини поради кои луѓето одлучуваат да се приклучат се љубовта кон планината и природата, желбата за поактивен и поздрав начин на живот, потребата од дружење и припадност во заедница, како и можноста за семејни и инклузивни активности. Подготовките за искачувања се значително различни во зависност од сезоната. Летните тури бараат добра физичка кондиција, издржливост и основни технички вештини за ориентација и движење по различни терени. Зимските искачувања, пак, се многу покомплексни и бараат значително поголема физичка и психичка подготвеност, соодветна техничка опрема и знаење за специфичните ризици што ги носат снегот, мразот и ниските температури. Потребна е и способност за брзо прилагодување на непредвидливи услови и континуирана концентрација, бидејќи секој чекор во зимскиот планинарски предизвик може да има големо влијание на безбедноста на групата, објаснува Магдалена Јованова, претседател на ЗПСК „Кожуф”.

Во изминатата година во позначајните искачувања „Кожуф” ги бележи домашните врвови Голем Кораб, Титов Врв, Солунска Глава, Тумба, Пелистер, како и искачувања надвор од државата - Триглав во Словенија, Комови и Боботов Кук во Црна Гора, Црн Врв, Вихрен и Мусала во Бугарија, Митикас и Кајмакчалан во Грција и врвовите на планината Кожуф, од македонска и од грчка страна.

- Планинарството за нас е повеќе од спорт – тоа е начин на живот, можност за раст, учење и поврзување со природата и заедницата. Секоја тура носи предизвик, но и радост, а секој член станува дел од големо семејство кое споделува љубов кон планината и активниот начин на живот. Природата ни нуди нови искуства, предизвици и моменти за уживање, без разлика дали се искачувате на локални врвови, учествувате во семејни акции или се подготвувате за високогорски тури, велат во ЗПСК „Кожуф”.

Покрај редовните тури, клубот годинава ќе продолжи со акциите „Родители и деца“ и инклузивното планинарење, кое се реализира во соработка со Фондација „Ице Бегов“. Во план е и младински камп со цел промоција на планинарењето кај најмладите.

- „Родители и деца“ веќе неколку години е дел од редовниот календар на клубот и се реализира два до три пати годишно. Претставува одлична можност најмладите, заедно со своите родители, уште од најрана возраст да ја развиваат љубовта кон природата и планинарењето. Инклузивното планинарење оваа година ќе се одржи по четврти пат и прерасна во една од најзначајните и најпрепознатливи иницијативи на клубот. Оваа акција, која се реализира во соработка со Фондација “Ице Бегов”, има силно позитивно влијание и врз учесниците и врз заедницата, а одзивот и поддршката што ги добиваме се исклучително охрабрувачки и мотивирачки, вели Јованова.

Освен зголемување на искуството и подготвеноста на постојните членови, преку воведување зимски тури, од ЗПСК „Кожуф” имаат зацртано и поамбициозни цели, со планирање на меѓународно ниво.

- Пред секое потешко искачување организираме тренинг-акции за да ги подготвиме членовите и да ја зајакнеме нивната физичка и техничка подготвеност. Опремата секогаш ја проверуваме и користиме на највисоко ниво, од планинарски чевли и облека до сигурносна опрема. За искачувања во странство понекогаш ангажираме локални водичи кои добро го познаваат теренот и условите. На овој начин се обидуваме да комбинираме предизвик, уживање во природата и безбедност, така што секој член може да ја почувствува убавината на планината, но и да се врати дома сигурен и задоволен, додава претседателката на планинарскиот клуб.

Во планот на здружението се и нови предизвици и желба поискусните планинари да се испробаат да искачат дестинации со над 4.000 метри, кои досега не биле дел од официјалната листа.

- За следната сезона имаме неколку амбициозни планови: ова лето планираме искачувања на Молдовeану и Ому, првиот и вториот највисок врв на Романските Карпати, како дел од проширување на меѓународните активности и искуство на членовите. Понатаму, во план се и искачувања на Гран Парадизо и Монте Роса Масивот, кои ќе послужат како подготовка за нашата долгорочна цел – Мон Блан. Овие дестинации претставуваат значителен предизвик и ќе им помогнат на членовите да се подготват за високогорски тури со поголема висинска комплексност, вели Јованова.

Покрај искачувањата, ЗПСК „Кожуф“ активно учествува и во едукативни обуки за одговорно планинарење, предавања за висинска болест и прва помош, натпревари во ориентација и акции за одржување на планинарскиот дом и клупските простори. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата