Каков е животот во најрелаксираниот град во светот?

21.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Каков е животот во најрелаксираниот град во светот?

Холандскиот град Ајндховен е прогласен за најрелаксиран град за живеење во светот. Според анкетата спроведена од компанијата за дигитални финансии „Ремитли“, овој потценет европски град е прогласен за најрелаксирано место за живеење во светот благодарение на ниските стапки на криминал, добро дизајнираната инфраструктура и релативно прифатливите трошоци за живот во споредба со другите големи европски градови.

Животот во Ајндховен често се опишува како мирен и избалансиран. Градот е доволно голем за да ги понуди сите погодности на урбаниот живот, но без прекумерната гужва и брзото темпо. Токму оваа комбинација од функционалност и умереност е причината зошто Ајндховен често се смета за град со пониско ниво на стрес.

Жителите во голема мера се потпираат на велосипеди и јавен превоз, што го намалува сообраќајот, бучавата и секојдневната врева и гужва. Градот е добро испланиран, со добро поврзани населби и изобилство зелени површини, што позитивно влијае на квалитетот на животот.

Работната култура го нагласува балансот помеѓу работата и приватниот живот, со флексибилни модели на работа и помал притисок во секојдневниот живот.

Трошоците за живот се релативно високи, но пониски во однос со најголемите холандски градови.

Најголемиот трошок е домувањето: изнајмувањето стан со една спална соба во центарот на градот чини од 1.200 до 1.400 евра месечно, додека надвор од центарот е поевтино, со кирија од 900 до 1.200 евра.

Цените за храна и основни потреби ги следат западноевропските стандарди, при што оброк во прифатлив ресторан чини околу 15 до 20 евра. Вечера за двајца во ресторан од средна класа чини околу 65 до 80 евра.

Многу жители користат велосипеди за да ги намалат трошоците за превоз, додека јавниот превоз е добро организиран, но поскап во споредба со некои други европски градови.

Ноќниот живот во Ајндховен е разновиден, но ненаметлив, што се вклопува во опуштениот ритам на градот. Наместо големи, бучни клубови, акцентот е ставен на барови, пабови и помали клубови со електронска музика, диџеј сетови и концерти во живо.

Компанијата за дигитални финансии Ремитли анализираше голем број фактори за да ѝ додели на секоја дестинација „оценка за стрес“. Земени се предвид стапките на криминал, трошоците за живот, квалитетот на здравствената заштита, просечните нивоа на загадување и просечното време потребно за патување од 10 километри. Овие податоци беа комбинирани за да се добие вкупен резултат што ги рангира градовите од најстресни до најрелаксирани.

На листата на Ремитли на најрелаксирани градови за живеење на светот по Ајндховен следат: Утрехт (Холандија), Канбера (Австралија), Талин (Естонија), Гронинген (Холандија), Трондхајм (Норвешка), Берген (Норвешка), Порто (Португалија), Бризбејн (Австралија), Ротердам (Холандија).

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата