Додека слушате, вашите емоции се разгоруваат, можеби поттикнати од вашите сопствени сеќавања или родителскиот инстинкт да го заштитите вашето дете.
Слушањето и прифаќањето на детските чувства се првиот чекор, но клучно е правилно да се протолкува однесувањето што го повредило за да знаете како да постапите. Дали другото дете било само грубо, злобно или станува збор за малтретирање? Понекогаш разликите тешко се воочуваат
Зошто е важно да се направи разлика помеѓу непристојно однесување, злоба и злоставување?
Анџела Кајаца, лиценциран брачен и семеен терапевт во компанијата LifeStance Health за Mother.ly вели: „Важно е јасно да се направи разлика помеѓу овие однесувања за да бидеме сигурни како најсоодветно да изреагираме во дадената ситуација, наместо да долеваме масло во огнот, било да станува збор за ненамерно влошување на ситуацијата или лишување на нашите деца од можноста да ги изградат потребните вештини“.
Како да се направи разлика?
Кајаца посочува два фактори кои помагаат да се препознае однесувањето: намерата и колку често се случува таквото однесување.
„Грубоста е обично ненамерна и ретка, иако може да биде болна. Може едноставно да значи дека некој има лош ден“, објаснува Кајаца. Примерите вклучуваат туркање во ред, превртување со очи или фалење - овие однесувања се импулсивни и непромислени, но не се намерно насочени кон нанесување штета.
„Злобата е намера да се повреди некого, но сепак е ретка и не е првенствено насочена кон контрола“, вели Кајаза. Остра забелешка изречена во афект, игнорирање некого веднаш по расправија или уништување на нечиј цртеж од одмазда се примери за однесувања кои се намерни, но нема изразена нерамнотежа на моќ (како што е разлика во големината или популарноста) и не се случува често.
„Малтретирањето, од друга страна, ги вклучува сите горенаведени - тоа е намерно, честопати за да се потенцира моќта и контролата врз другата личност“, вели Кајаца. Ова однесување е немилосрдно и обично продолжува дури и откако насилникот ќе биде замолен да престане. Нерамнотежата во моќта создава динамика во која едната личност не може да се одбрани.
Како да ги охрабрите децата да се заземат за себе
Поучувањето на децата за овие разлики во однесувањето може да им помогне да научат како да реагираат и кога да побараат помош.
„Можеме да ги поддржиме нашите деца да го прилагодат нивниот одговор на секое од овие сценарија. Ова значи да научат да игнорираат и едноставно да преминат преку ненамерното и ретко грубо однесување, да покажат сочувство кога е потребно и да се заложат за себе кога се соочуваат со злоба со тоа што јасно и смирено ќе кажат: „Не ми се допаѓа начинот на кој се однесуваш кон мене“.
„Исто така, треба да им се помогне да разберат дека малтретирањето е исклучително сериозна работа и ниедно дете не треба да се справува само“, објаснува Кајаца.
Кога родителите треба да се вклучат
Постојат знаци на кои родителите треба да обратат внимание за да знаат кога е време да реагираат. „Родителите треба да интервенираат кога некое од овие однесувања е намерно, се повторува и ескалира. Ако забележите дека вашето дете се плаши да оди на училиште, се жали на сè почести болки во стомакот или станува вознемирено или повлечено, тоа се знаци дека му е потребна поголема проактивна поддршка и интервенција“, вели Кајаца.
Препознавањето на карактеристиките на овие посериозни однесувања, како што е малтретирањето, може да биде корисно и за разговори со децата за нездравата динамика во пријателството.
Според една студија од Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, феноменот „пријател-непријател“ (анг. frenemies) покажува колку е честа појавата малтретирањето да се случува во еден пријателски однос за насилникот да стекне популарност. Другите пријатели можат брзо да го следат тој пример за да го обезбедат своето место во социјалната хиерархија.
Кога се случува ова, за децата тоа е болно и збунувачко. „Најважно што можете да направите е да му помогнете на вашето дете да разбере - без разлика дали станува збор за пријател, член од семејството или возрасен - дека здравите луѓе не ги повредуваат другите често, намерно и дека никој не би требало да толерира такво однесување“, вели Кајаца.
Таа препорачува родителите во вакви ситуации да се заземат за сигурноста на своето дете и веднаш да го вклучат училишниот персонал. „Со ова исто така му покажувате на вашето дете дека барањето помош е вештина и дека малтретирањето е многу сериозна работа.“
За да ги направите овие тешки разговори што е можно поприродни, експертите препорачуваат да ги вклучите во вашата дневна рутина. Ова може да вклучува прераскажување на денот навечер, поставување прашања за смешни моменти, читање книги или гледање филмови што ги посочуваат овие теми или споделување на сопствените искуства од детството. Не е секогаш лесно да ги слушнете одговорите на вашите деца, но можностите да ѕирнете во нивниот внатрешен свет и да ги гледате како развиваат чувство за хумор и емпатија се непроценливи.

